Изречени се повеќе од 400 глоби за неиздавање фискални сметки

Управата за јавни приходи (УЈП) по завршувањето на најголемиот бран на ковид-кризата, спроведе огромен број контроли кај даночните обврзници за неиздавање фискални сметки и изрече повеќе од 400 глоби, потврди директорката на УЈП Сања Лукаревска.

– Уште првата година по воведувањето на апликацијата „Мој ДДВ“ за граѓаните имавме огромен број пријави за неиздавање фискални сметки, кои одеа преку анонимни пријави. Врз основа на тоа сме постапиле насекаде. Направени се огромен број акции и контроли – рече Лукаревска.

Во периодот кога беше најголемиот бран на ковид-кризата, додаде Лукаревска, имало само превентивни контроли кај сите даночни обврзници.

– По завршувањето на бранот, изречени се повеќе од 400 казни, за даночните обврзници низ целата држава – прецизира Лукаревска.

Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, една четвртина од вкупно контролираните трговци (807), лани не издале фискална сметка, а 90 од нив воопшто и не го вклучиле вагончето за плаќање со картичка.

Фискализацијата почна пред петнаесетина години, но некои трговци, воопшто не ги вклучуваат и покрај казните што се движат од 2 до 5.000 евра.

Во текот на минатата година, биле извршени вкупно 807 контроли согласно со Законот за регистрирање готовински плаќања, а кај обврзниците се направени вкупно 17.120 проверки на усогласеноста по основ на фискализација, покажаа податоците на УЈП.

Со новите измени на Законот за регистрација на безготовинските плаќања, со кој се изврши усогласување со новиот Законот за прекршоци, се пропишуваат поединечни распони на глобите за микро, мал, среден и голем трговец, како и за одговорното лице, а се утврдуваат и глоби за трговец поединец и лице кое самостојно врши дејност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот