WEF / Flickr

Израелскиот парламент изгласа самораспуштање — тешко дека Нетанјаху ќе победи на изборите, покажуваат анкетите

Израелскиот пемиер Бенјамин Нетанјаху не присуствуваше на гласањето на Кнесетот да се самораспушти, туку, според извештаите, одржувал безбедносни консултации.

Израелските пратеници вчера попладне гласаа со 110 гласа „за“ и со ниеден „против“ во корист на прелиминарното читање на владиниот предлог-закон за распуштање на Кнесетот, што потенцијално би можело да доведе до тоа изборите да бидат одржани малку порано од очекуваното, доколку законот конечно биде усвоен, објави „Тајмс оф Израел“.

Предлог-законот за распуштање не утврдува датум за избори. Наместо тоа, предвидува датумот да го одреди Комисијата на Кнесетот, на ден што нема да биде порано од три месеци по конечното одобрување на законот. Сепак, временската рамка за усвојување на законот останува нејасна: тој може бргу да биде протуркан низ Кнесетот во наредните денови или да биде одложен поради политички маневри.

Изборите мора да се одржат во рок од пет месеци од усвојувањето на законот, што значи најдоцна до средината или до крајот на октомври. Ултраортодоксните партии во Кнесетот, според извештаите, претпочитаат изборите да се одржат на почетокот на септември. Во секој случај, изборите мора да се одржат најдоцна до 27 октомври.

Опозицијата извика „Шахечејану“

Премиерот Бенјамин Нетанјаху не присуствуваше на гласањето, туку, според извештаите, одржувал безбедносни консултации.

Опозицијата го поздрави гласањето, при што пратеничката од „Јеш Атид“, Мерав Бен Ари, во пленарната сала извика „Шехечејану“ — еврејска благословна молитва што се изговара во радосни прилики.

Нарекувајќи го гласањето „почеток на крајот на најлошата влада во историјата на Израел“, претседателот на партијата Демократи, Јаир Голан, рече дека „веќе не е важно дали изборите ќе бидат поместени порано или ќе се одржат според редовниот распоред“ — владата предизвикала „невидена штета и е при крајот на својот пат“.

Одлуката за распуштање на Кнесетот дојде по судирот меѓу Нетанјаху и харедските партии околу законот за изземање од воена служба на ултраортодоксните ученици во јешивите.

Израелците тепале и врзалe со лисици италијански новинар од флотилата за помош на Газа

Нетанјаху им признал на харедските пратеници дека коалицијата нема доволно гласови за да го усвои законот и побарал прашањето да се одложи за по изборите. Тоа ги поттикна „Обединет јудаизам на Тората“ и други партии да поддржат иницијативи за распуштање на парламентот.

Коалицискиот координатор Офир Кац поднесе сопствен предлог-закон за нови избори, обидувајќи се да го контролира процесот и датумот на гласањето. На дневен ред се најдоа повеќе предлози, поднесени и од власта и од опозицијата, кои најверојатно ќе бидат споени во една процедура.

Нетанјаху се обидел да ги убеди ултраортодоксните партии да не туркаат избори во септември, предупредувајќи дека тоа може да му наштети на десничарскиот блок. Но харедските лидери го отфрлиле неговиот обид.

Паралелно, опозицијата бара Кнесетот да не усвојува спорни закони пред изборите, особено оние за регрутација, медиуми и ограничување на надлежностите на државниот правобранител. Анкетите покажуваат слабеење на Ликуд и можност анти-Нетанјаху блокот да се приближи до мнозинство.

Нетанјаху со години ветува „целосна победа“, но во Израел расте заморот од речиси тригодишната војна, човечките загуби и дипломатската штета.

Според анкетите, Нетанјаху ќе изгуби

Коалицијата на израелскиот премиер слабее според анкетите, а дел од израелската јавност стравува дека Нетанјаху може да се обиде да ги одложи изборите преку продолжена вонредна состојба. Таков потег би предизвикал судир со Врховниот суд и најсериозна уставна криза во историјата на земјата.

Според анкета, опозицијата сега води пред него со 71 наспроти 49 места — што претставува поместување од 19 пратенички места во однос на сегашниот состав на Кнесетот. А бидејќи неколку мали партии, блиски до опозицијата, во моментов се под изборниот праг, вистинското антивладино мнозинство на реални избори би можело да биде уште поголемо. Кнесетот има 120 места, а за мнозинство се потребни 61. Ако анкетата покажува 71 за опозицијата и 49 за Нетанјаху и за владиниот блок, тоа значи дека опозицијата би имала убедливо мнозинство.

Како помалку штетно решение, во политичките кругови се спомнува договор: Нетанјаху да се повлече од политиката во замена за помилување во корупциските случаи.

Трамп и Нетанјаху имале напнат разговор за Иран

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот