„Лелек“ / Фото: Profimedia

Израелската телевизија ја исмеа Хрватска на Евровизија, па мораше да се извинува

Израелската јавна телевизија КАН официјално им се извини на хрватските претставнички на Евровизија, групата „Лелек“, откако на социјалните мрежи објави коментар за нивниот настап што пејачките го доживеаја како исмевање на нивната култура, симболиката на песната и страдањето на угнетените католички жени.

Контроверзијата започна по првото полуфинале на Евровизија, кога КАН на Инстаграм сподели кадар од настапот на „Лелек“ со коментар: „Кога ќе претераш со хена тетоважите во Еилат“. Во описот на објавата стоело и: „Навистина претераа“.

Коментарот се однесувал на сценскиот изглед на хрватската група и декоративните шари на нивните тела, кои потсетуваат на мехнди-дизајни направени со кана.

По бурните реакции на социјалните мрежи, израелската телевизија ја избриша објавата и испрати јавно извинување.

„Никогаш не ни беше намера да ја навредиме хрватската делегација или хрватската јавност. Се извинуваме за објавата и ова извинување ќе му го пренесеме и на шефот на хрватската делегација“, соопштија од КАН.


Претходно, „Лелек“ реагираше преку Инстаграм, каде што објави скриншот од спорната објава и порача дека коментарот ги вознемирил.

„Вознемирени сме од коментарите на израелската телевизија КАН, во кои беа исмејувани нашата култура и жртвите на угнетените католички жени“, напишаа од групата.

Тие додадоа дека особено ги погодило тоа што биле исмејувани жени кои преку својата песна зборуваат за женската болка и страдање.

„Особено е вознемирувачко да се исмеваат жени кои пеат за женската болка и страдање, додека истовремено се покажува целосен недостаток на емпатија и почит кон туѓото страдање“, порачаа пејачките.

Фото: Скриншот/Инстаграм

Извинувањето на КАН предизвика бројни реакции кај евровизиските фанови на „Икс“.

Дел од корисниците оценија дека ваквите коментари не ѝ доликуваат на манифестација што промовира културна различност и толеранција, додека други сметаа дека извинувањето дошло предоцна.

„Кога некој постојано мора да се извинува за исти работи, тешко е да се поверува дека навистина му е жал“, гласи еден од коментарите.

Aлтернативни концерти на Евровизија се одржуваат во знак на протест против учеството на Израел

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот