Измени во Законот за социјална заштита, се предвидува лична асистенција за деца од шест години

Фото: Пиксабеј

Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска едногласно го поддржа Предлог-законот за измени на Законот за социјалната заштита, во прво читање, со којшто се предвидува услугата лична асистенција да може да се користи од шестгодишна возраст. За измените ќе се одржи и јавна расправа.

Образложувајќи го законот, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека измените се однесуваат на услугата лична асистенција, односно да се овозможи услугата лична асистенција да ја користат и деца од шестгодишна возраст со намален функционален капацитет, со цел да се овозможи индивидуална помош и поддршка и на децата за вршење на секојдневни активности и тоа заради пристап до образовните институции, центрите за рехабилитација и вклучување во заедницата, кои дете без попреченост вообичаено ги врши без поддршка.

Со предложените измени се очекува 200 деца да добијат услуга на лична асистенција и тоа од 80 часа во текот на еден месец. Како што нагласи Шахпаска, финансиските средства за оваа помош ќе ги обезбеди Министерството за труд и социјална политика. Овие 200 асистенти се планирани за следните шест години, додека за следните години би се планирале 400 асистенти.

Шахпаска нагласи дека сега со овие измени со услугата лична асистенција ќе бидат опфатени лица од шест до 65-годишна возраст. Според неа, услугата за лични асистенти ја користеле вкупно 180 корисници, додека во иднина лицата кои ќе бидат асистенти на лицата со попреченост ќе треба да минат одредена обука.

Министерката најави дека во следниот период до Собранието ќе биде доставен сет од неколку закони што ќе значат реформа во секторот за социјална заштита.

Пратеничката Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ на седницата посочи дека во 2020 година се регистрирани 3.494 деца со попреченост, а со законските измени е предвидено само околу 200 деца да бидат опфатени со личната асистенција. Со измените се опфатени само деца со најтешка, потешка попреченост и потполно слепите лица. Таа ја праша министерката Шахпаска дали е направена анализа пред да се определи дека двесте деца ќе добијат лични асистенти.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија поддршка на законот, но сметаат дека правата треба да ги уживаат сите лица со попреченост.

Членовите на Комисијата го поддржаа предлогот на Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ за одржување на јавна расправа за ова законско решение на која ќе се поканат претставници на здруженијата на граѓаните кои ќе ги кажат своите потреби. Таа предложи дека можеби државата треба да ги вработи личните асистенти и какви ќе бидат усогласувањата со образовните асистенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот