Измамени пензионери во Штип, лажни лекари украле над 6.500 евра
Министерството за внатрешни работи информира дека во последните 24 часа се евидентирани два случаи на измама врз повозрасни лица од Штип, со лажно претставување како лекари и со сценарио за наводни тешки сообраќајни несреќи.
Препорачано
Првиот случај бил пријавен вчера во 11:30 часот во СВР Штип од 96-годишен маж, кој изјавил дека бил измамен за износ од 3.500 евра. Според пријавата, телефонски му се јавило лице кое се претставило како лекар и му соопштило дека неговата ќерка се здобила со скршеници и дека ѝ е потребна итна операција за која мора итно да се плати.
По претходен договор со сторителите, оштетениот ги фрлил парите од балконот на својот стан, каде што ги презело лице кое чекало под објектот и веднаш се оддалечило. Подоцна, откако стапил во контакт со својата ќерка, сфатил дека станува збор за измама.
Вториот случај бил пријавен истиот ден во 16:30 часот од 77-годишна жена од Штип, која била измамена на идентичен начин. Таа изјавила дека телефонски била контактирана од лице кое се претставило како лекар и ја известило дека нејзината ќерка е тешко повредена и дека е неопходна итна хируршка интервенција.
По договор со сторителите, оштетената од балконот предала 3.000 евра, 30.000 денари и златен накит на женско лице, кое по преземањето го напуштило местото на настанот. Подоцна сфатила дека била жртва на измама.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека во двата случаи се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните и за откривање на сторителите, апелирајќи до граѓаните, особено до повозрасните лица, да бидат внимателни и да не наседнуваат на вакви телефонски измами.


