Изложбата „Зимски салон“ на ДЛУМ ја мапира актуелната состојба на современата визуелна продукција
Биеналната изложба „Зимски салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) ќе се одржи во Национална галерија на Македонија, во објектот „Мала станица“, а отворањето ќе биде на 26 февруари, со почеток во 20 часот. Изложбата е финансирана од Министерство за култура и туризам како проект од национален интерес за 2026 година.
Препорачано
Концептот на изложбата и изборот на делата се курирани од реномираната словенечка ликовна критичарка со меѓународна професионална биографија како и кураторка на многу ликовни проекти, г-ѓа Лилијана Степанчиќ. Нејзиниот концепт е со наслов „Мора да се обидеме да го постигнеме она што ни беше кажано дека е невозможно“.
Овој концепт отвора простор за преиспитување на границите – лични, општествени и естетски – и повикува кон активна позиција на создавање како чин на надминување, отпор и трансформација. Дваесет и првото издание на „Зимски салон“ се одликува со интензивна творечка енергија, плуралност на пристапи и слоевити визуелни истражувања што ја потврдуваат виталноста, динамичноста и континуираниот развој на македонската современа ликовна сцена.
Во текот на своето повеќедецениско постоење, „Зимски салон“ на ДЛУМ се етаблира како значајна биенална изложбена структура што ја мапира актуелната состојба на современата визуелна продукција. Тој претставува репрезентативен пресек на авторски практики – од афирмирани творци до нови генерации уметници – кои преку разновидни медиуми, дисциплини и поетики ги артикулираат современите естетски и општествени прашања.
Како изложбен формат со историја на храбри концепциски поставки, Салонот функционира како дискурзивно поле во кое уметноста не е само одраз, туку и критички инструмент на општествената реалност. Неговата автономија овозможува простор за истражување, преосмислување и деконструкција на воспоставените норми, отворајќи перспективи кон нови наративи, вредносни системи и облици на изразување.
На отворањето на изложбата ќе се обратат претседателката на ДЛУМ проф. д-р Јана Манева-Чупоска, претседателката на Уметничкиот совет на ДЛУМ проф. д-р Маја Рауниќ Кирков, кураторката Лилијана Степанчиќ од Љубљана и програмскиот директор на НГМ „Мала станица“ Маја Крстевска. Изложбата за отворена ќе ја прогласи претседателката на РС Македонија проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, како покровител на изложбата „Зимски салон 2026“.


