Изложбата на плакати „Визуелни рефлексии“ на Лазе Трипков ќе биде отворена во Народен музеј во Велес
Уметникот Лазе Трипков е високо позициониран графички дизајнер и едукатор со страст за интердисциплинарна уметност и дизајн практики. Моментално е професор по Визуелна комуникација и графички дизајн на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот балкански универзитет во Скопје. Неговата експертиза се протега низ креативни дигитални дисциплини, вклучувајќи VR (виртуелна реалност), дигитални медиуми, интерактивни инсталации и истражување, како и употреба на новите технологии во образованието.
Трипков магистрирал на Академијата за ликовни уметности во Варшава и продолжил со постмагистерски студии по мултимедија и дизајн на Академијата за ликовни уметности во Лоѓ. Истражувал за симболите и иконографијата на Балканскиот регион како докторанд на „Фулбрајт“.
Неговите дела се прикажани на шест самостојни изложби и преку 75 групни изложби ширум светот, со што му донесоа престижни награди, како што се наградата „Златна пчела“ од Московското биенале за плакат и почесната награда од Чешката асоцијација за графички дизајн AUG.
Изложбата на плакати под наслов „Визуелни рефлексии“ претставува дизајнирани графички дела – плакати, создадени во ковид и постковид периодот, односно од 2020 до денес, кои допираат до разни теми и зборуваат за преокупациите и идејното размислување на уметникот.
Изложбата „Визуелни рефлексии“ на Лазе Трипков во ЛУ Народен музеј во Велес ќе биде отворена на 5 септември, во 19:30 часот.
Ликовниот уметник, графичкиот дизајнер Лазе Трипков, при дизајнирањето на плакатот, кој како медиум за јавно информирање, во преден план ги става редот и функцијата, повеќе инсистира на ликовниот дел, наспроти текстот кој треба да ја пренесе информацијата. Тој е исклучително плоден и успешен во овој медиум, во кој преку дизајнерскиот дискурс и нарацијата на секој изработен плакат со иновативен пристап, преку уметничко обликување на графичкиот дизајн на плакатите нѐ информира, толкува и пренесува пораки кои допираат до разни теми, за што, всушност, е и намената на плакатот.
Во плакатите формалните елементи на дизајнот, сликата, симболот и пишаниот збор се во непосредна визуелна комуникација, која станува еден од кодовите на новото време. Преку навидум едноставните цртежи воспоставува визуелен баланс во однос на ликовниот прилог и зоната на читање, интегрирани во композициската целина. Кај плакатите на Трипков текстот е секогаш составен елемент во дообјаснување на сликата, придонесувајќи кај гледачот околу толкувањето на уметничко-ликовната претстава, со што постигнува ефикасна визуелна комуникација со релевантната информација.