Изложбата „Македонската азбука“ на Сергеј Андреевски е претставена во Белград

Симболично, во вторник, на денот на Светите браќа Кирил и Методиј – 24 Мај, во преубавиот амбиент што е дел од музејскиот комплекс на градот Белград – Конакот на кнегињата Љубица, беше отворена ликовната поставка „Македонската азбука“ на Сергеј Андреевски.

Изложбата, што ќе трае до 29 мај, е дел од традиционалната манифестација „Денови на македонската култура – Допир на Македонија“, што по 11-ти пат ја организира Здружението на Македонците во Белград – „Македониум“.

Овој циклус слики на платно на Андреевски, каде секоја буква има своја приказна, свој свет, беше за првпат изложен минатата година во излозите на Широк Сокак во Битола. Тоа беше поддршка од уметникот кон славењето на името и делото на научникот, творецот и создателот на македонското современо писмо – Блаже Конески, во годината кога се одбележуваа 100 години од неговото раѓање.

– Целта и тогаш, а и сега е, исто така, актуелна: да се разбуди јавноста за значењето на македонската кирилична азбука и нашиот јазик, особено во време-невреме, кога секојдневно е оспоруван – истакнува уметникот Сергеј Андреевски.

Манифестацијата „Денови на македонската култура – Допир на Македонија“ ќе трае до 31 мај, а во програмата се вклучени поетска промоција, филмска проекција, перформанс, концерт и театарска претстава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот