Изложбата „Кружен брош“ на Петра Јовановска е поставена во галерија „Ко-Ра“ во Скопје
Во малиот салон на галеријата „Ко-Ра“ при ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин “–Скопје на 24 ноември беше отворена самостојната изложба „Кружен брош“ на Петра Јовановска. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.
Препорачано
Авторката Петра Јовановска е родена во Чешка Република. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, на одделот за графика. Реализирала резиденцијален престој во Париз, како и над 80 самостојни изложби во Македонија, Чешка, Франција, Германија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, САД, Полска.
Учествувала и на над 300 групни изложби ширум светот, како и на над 60 ликовни колонии и симпозиуми. Добитничка е на повеќе награди, организатор е и куратор на бројни изложби во земјата и надвор.
– Оваа самостојна изложба на Петра Јовановска е во непосредна релација со нејзиниот повеќегодишен изразен дискурс посветен на феноменот круг, кој е повеќекратна метафора во нејзината идејна и изразна ликовна лексика и непосредно одраз на нејзиниот личен философски светоглед. Таа ја акцентира со разнородни инвенции формата која е само навидум запазена, а всушност ги посочува множествата на разнообразните структури. Нив ги перципираме како сегменти или инсерти од разнообразни констелации во постојана преобразба. А кругот како одредница, синоним или трајна определба, ги одразува и обединува и посочува многукратните значења и симболи поврзани со зачетокот, зародишот, микросферата, микро јадрата, цикличноста во природата, па сѐ до универзалните феномени поврзани со цикличните движења на планетите и сферата на орбиталните движења во универзумот, кој исто така е констелација во постојано превирање и постојана преобразба.
Во оваа изложба едновремено Петра Јовановска во својата изразна лексика ја запазува графиката како медиум, кој е воедно поврзница помеѓу ликовната и применетата уметност, односно дизајнот, во кој се преточени сегменти од нејзината веќе автохтоно препознатлива естетика која е воедно насочена и кон истражувања на нови изразни можности – истакнува Виолета Калиќ, историчар на уметноста и стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.


