Слики „Само сенка на она што доаѓа“ на Тони Попов и „Спознание“ на Јасмина Котевска

Изложбата „Емотивни пејзажи“ на Тони Попов и Јасмина Котевска го третира портретот како внатрешен пејзаж

Ликовната изложба „Емотивни пејзажи – никаде толку луѓе како во еден човек“ на историчарката на уметност Јасмина Котевска и сликарот Тони Попов ќе биде отворена на 25 февруари (среда), со почеток во 20 часот, во Евангелистичката црква „Соулкрафт“ во Скопје (бул. Илинден бр. 9, спроти Владата).

Изложбата претставува циклус експресионистички портрети и автопортрети создадени како непосреден одговор на внатрешните емоционални состојби на авторите. Наместо класично прикажување на физичкиот лик, делата го истражуваат човекот како психолошки простор – како збир од расположенија, сомнежи, сеќавања и тивки внатрешни разговори.

Како што се посочува и во текстот кон изложбата од страна на Николина Атанасоска: нивниот заеднички настап не е натпревар, туку интимен разговор, однос во кој авторите меѓусебно се препознаваат и се „огледуваат“ еден во друг. Котевска и Попов се поврзуваат преку сроден ликовен израз – блискост во колоритот, експресивниот потег и интересот за човековата внатрешност. Нивното сликарство произлегува, пред сè, од длабоки лични, емотивно-психолошки состојби, при што платното станува простор на личен дијалог и самоспознавање.

Во делата на Јасмина Котевска доминира непосредноста и еруптивната емоционалност. Нејзините фигури не се портрети во класична смисла, туку состојби – мир по внатрешна борба, тивка тага, прифаќање и ранливост. „Ликовите не се личности, туку емотивни состојби“, при што физичкото присуство е тука, а погледот често останува свртен кон внатрешниот свет.

Тони Попов низ серија автопортрети води континуиран разговор со себеси. Неговото сликарство е обележано со воздржаност и дисциплина, каде бојата и потегот ја откриваат напнатоста меѓу самокритиката, помирувањето и потребата за самоприфаќање. Сликарството кај него функционира како простор на соочување, но и како обид за внатрешно смирување – место каде, како што се вели во текстот, „болката повеќе не боли, туку оплеменува“.

Во целина, „Емотивни пејзажи“ го третира портретот како внатрешен пејзаж. Делата не се само претстави на лица, туку состојби – страв, надеж, замор, копнеж и помиреност.

Изложбата го отвора прашањето колку идентитети живеат во еден човек и дали уметноста може да биде безбедно место за искреност и ранливост, слично како и пријателството – „да му бидеш огледало на другиот, доволно блиску и доволно искрено за да може да се види себеси“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот