Изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“ е поставена во Музејот на македонската борба

Плакат за изложбата во Музејот на македонската борба

Во чест на 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ – темелникот на македонската државност, изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“ е поставена во НУ Музеј на македонската борба за самостојност. Отворањето на изложбата ќе се одржи на 31 јули (среда), во 19:30 часот.

Селекција од 24 скици и цртежи, изработени од познатиот уметник Борко Лазески, коишто послужиле како план за монументалната фреска Илинден 1903, првпат ќе бидат претставени пред македонската публика. Автор на проектот е Марија Коробар, а изложбата се организира во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје. Изложбата ќе биде поставена до 30 ноември 2024 година.

Борко Лазески (1917-1993) е македонски ликовен уметник кој се смета за предвесник на првата повоена генерација на академски образувани уметници во Македонија.

Во 1933/34 година Лазески се запишува на Ликовната академија во Белград. Дополнително го продолжува школувањето во Бугарија, на Државната уметничка академија во Софија, каде ги завршува студиите во 1943 година. Како стипендист на француската влада во почетокот на 1945 година се запишува на париската Висока национална школа за ликовна уметност (École Nationale Supérieure des Beaux-Arts), во одделот за фрескосликарство на Дикос де ла Ај (Dukos de la Haille). Тука ги проучува монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба.

Во почетокот на 1945 година учествува во формирањето на уметничката школа во Скопје и е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Лазески е прв в.д. директор на Уметничката галерија во Скопје, формирана во 1948 година, известија од НУ Музеј на македонската борба за самостојност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот