Изложба во Прилеп: Колорит што пленува со убавина и складност

Изложбата „Ликовни предели“ од битолскиот сликар Драган Најденовски од 7 август е поставена во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Како ликовен уметник Најденовски имал повеќе од 40 самостојни изложби, а учесник е на многу групни изложби и графички манифестации кај нас и во светот.

Во текстот за изложбата писателот Панде Манојлов забележува дека на сликите од најновото ликовно творештво на Драган Најденовски има поетизам, лиризам, естетизам и складност на бои.

– Познатиот македонски и битолски ликовен уметник Драган Најденовски, со својот долгогодишен труд и сублимантен ликовен талент се избори за свој и своевиден творечки стил во ликовното творештво на нашите простори, а со тоа и да се оттргне од некаква, наша Гутенбергова галаксија на некаква си врамена шаблонска традиција и да создаде своја специфична и препознатлива нова и модерна галаксија, во која неговите слики сјаат со посебни нијанси и колорит што пленува со убавина и складност.

Со своите најнови ликовни дела работени во масло на платно, молив на хартија, пастели или оние маслени пастели комбинирани со молив на хартија, од неговиот циклус „Ливадата на музите“, во неговите „Предели“ создава нешто исклучително уметнички вредно, откривајќи го оној, речиси, бестијален и јанѕоносен немир што се крие во неговата душа, поставувајќи си го постојано прашањето: Создадов ли дело или ова се само бои распослани на платно, на хартија?

Тој, можеби и самиот како уметник не е свесен дека насликал дела што ќе бидат високо вреднувани во тајната книга на едно идно македонско и балканско време. Неговите слики на уверлив начин сами од себе зборуваат дека знаат да светат и кога сонцето се помрачува во ликовната татковина на уметникот – напиша Манојлов.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 43, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот