Изложба во „Ко-Ра“: Ментално реновирање со необични скулптури

Мултимедијалниот уметник Ненад Тонкин се претстави со необична изложба на скулптури со наслов „Малите суштества од станот што се реновира“ во галеријата „Ко-Ра“, а со придржување до мерките за заштита изложбата ќе може да се посети до 15 јуни (со исклучок во деновите со полициски час).

Изложбата „Малите суштества од станот што се реновира“ на Ненад Тонкин содржи 13 скулптури, во галериски и мал формат, изработени во реди-мејд техника во комбинација со разни материјали. Скулптурите се изработени како мали суштества, а секое од нив има посебен карактер и способности. На некој начин, станува збор за персонифицирани објекти што се репрезент на сите стравови што авторот ги има преживувано во раното детство, но и во поново време.

– Идејата за целиот концепт се појави уште во 2015 година, кога еден стан во кој се вселивме навлезе во фаза на потполно реновирање. Така се појавија купишта материјали што решив да ги искористам. Така се создадоа малите суштества. Размислував дали на изложбата да поставам и елементи што би го илустрирале реновирањето како процес, на пример расфрлан шут, алат, бои. Но, сепак, се одлучив за чист пристап, да ги изложам само скулптурите затоа што само крајниот производ ми е потребен за да го кажам тоа што сум го замислил, а сè друго, како, на пример, елементите на реновирањето, би предизвикало поголем хаос, неред и нејасна слика – објасни Тонкин.

ИлумиНада

Во изминатите неколку месеци беше препорачано да не се реновира, но Тонкин поголема предност при креацијата на скулптурита дава на менталното, а не на физичкото реновирање.

– Главното физичко реновирање се случи во 2015 година. И иако низ годините во станот постојано се појавуваат одредени доработувања и менувања, со што цело време добивам материјал за работа, сепак реновирањето најмногу се однесува на менталната состојба. Всушност, решив некако да се ослободам од сите стравови што сум ги имал од раното детство, а и од тие што сѐ уште се присутни во некаква форма.

Солко и Биберко

Преку овој ликовен израз сакам секој претрпен страв да го претставам како мало суштество со смешни карактеристики и да го сместам во некакви комични ситуации. На тој начин лесно ги модифицирам страшните моменти во смешни и потоа сè е полесно и прифатливо. „Малите суштества од станот што се реновира“ се мое ментално реновирање, кое најверојатно никогаш нема да заврши со процесот. Тоа е еден начин како полесно би се справувал со сите предизвици и проблеми што ќе се појавуваат пред мене – открива Тонкин.

Светле

Ненад Тонкин (Скопје, 1978) е дипломиран вајар и сценограф на Факултетот за ликовни уметности и дипломиран професор по предучилишно воспитание на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Од 2014 година до сега има реализирано две самостојни ликовни изложби во Гевгелија и во Кичево и повеќе групни изложби. Компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар (три претстави) и филм (два краткометражни филма).

Како член на бендот „Беи д’Фиш“ има реализирано четири студиски албуми и многу концерти низ Европа, а од 2013 година издава своја авторска музика како „Mammoth & Yashem“. Бил дел од организацискиот тим на првото издание на фестивалот КРИК, а сѐ уште е дел од тимовите на фестивалите „Прво, па Женско“ и „Пич Прич“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 33, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот