Изложба на светска фотографија: Во тек се подготовките за „Фотомедија 2020“

Комисијата составена од мајсторите на фотографија Бранимир Карановиќ од Србија, Нели Гаврилова од Бугарија и Боро Рудиќ од Македонија ги селектираше фотографиите што ќе ги добијат наградите на изложбата на светска фотографија „Фотомедија 2020“.

Скопскиот фото-клуб „Елема“ се подготвува за својата 17-та биенална изложба на светска фотографија „Фотомедија 2020“. Со своето 34-годишно опстојување, „Фотомедија“ стана еден од најзначајните настани од областа на визуелната уметност во нашата држава. Традиционално, отворањето на изложбата се одржува во чест на Денот на ослободувањето на град Скопје – 13 Ноември, а ќе биде отворена на 10 ноември во објектот „Мала станица“ при Националната галерија.

На конкурсот што го распиша фото-клубот „Елема“ годинава пристигнале повеќе од 650 фотографии од целиот свет. Селектирањето на фотографиите што ќе добијат награда се одржа пред десетина дена во Музејот на современата уметност. На лице место жирирањето го извршија мајсторите на фотографија Бранимир Карановиќ и Боро Рудиќ, додека Нели Гаврилова својот глас го даде по електронски пат.

Членот на жири Бранимир Карановиќ повеќе од 40 години се занимава со фотографија и со педагошка работа во областа на фотографијата и на применетата уметност. Според него, условите за жирирање биле одлични за да можат прецизно да го одредат квалитетот на пристигнатите фотографии. Во однос на естетската вредност на фотографиите Карановиќ забележал дека има голем процент виртуелни фотографии, односно врз нив била правена доработка во некој од програмите за обработка на фотографии.

Тој не се залага за одвојување на аналогната од дигиталната фотографија, бидејќи речиси сите фотографи веќе се префрлија на работа со дигитални фотоапарати, но во својата селекција предност им давал на фотографиите „што го фаќаат моментот“, како во аналогните времиња, без многу дополнителни обработки и интервенции.

Фотографот Боро Рудиќ практично има двојна улога во жирирањето на фотографиите за годинашната „Фотомедија“, како домаќин, член на фото-клубот „Елема“, кој е организатор на изложбата, но и како повеќегодишен член на жирито, со што одвнатре го следел развојот на изложбата, но и тековите во фотографската уметност.

– Специфика на изложбата е што има две селекции: поединечна фотографија и колекции на фотографии. Специфично за колекциите на фотографии, пак, е што во неколку фотографии што го фаќаат моментот треба да се раскаже одредена приказна. Затоа мислам дека позрелите авторски дела ги добиваме токму преку колекциите на фотографии, а не преку поединечните фотографии. Уште една специфика на „Фотомедија“ е што во време намногубројни изложби на дигитални фотографии што се праќаат по имејл, на конкурсот за изложбата се примаат фотографии пратени во принт-верзија по пошта. На тој начин може да се стекне комплетен впечаток за фотографијата, не само за темата или мотивот што го носи, туку и за начинот на нејзината изработка и хартијата на која е испринтана – објасни Рудиќ.

На конкурсот на фото-клубот „Елема“ пристигнале повеќе од 650 фотографии од целиот свет

На жирирањето забележавме дека се пристигнати фантастични фотографии од целиот свет. Одлуката на жирито за наградите ќе биде објавена на отворањето на изложбата, а чувството однапред е дека и оваа година Скопје и клубот „Елема“ ќе бидат домаќини на прекрасно визуелно доживување.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 54, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 октомври – 1 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот