Изложба на портретни фотографии од Виктор Соколовски ќе биде поставена во КИЦ-Скопје

Фотографот Виктор Соколовски ќе ѝ се претстави на публиката со деветтата самостојна изложба на фотографии насловена „Stolen moments“, која ќе биде отворена на 25 април во салата „Империјал 2“ во Културно-информативниот центар во Скопје и ќе трае до 4 мај. На изложбата Соколовски се претставува со серија портретни фотографии од концерти.

Виктор Соколовски е пасиониран љубител на музиката и фотограф што со децении фотографира на „Скопскиот џез-фестивал“, „ОФ-Фест“ и на слични музички и културни манифестации во земјава и регионот. Станува збор за огромен број фотографии – најчесто портрети на музичари, направени за време на концертите на кои присуствувал како гледач, но и како фотограф дописник, за еден од најреномираните портали за култура во регионот – „Seecult“ од Белград.

Инаку, Соколовски е магистер по геодезија, а со фотографија се „заразува“ во детството, на курсевите организирани од Народна техника. Пред публиката првпат самостојно се претставил во Скопје, во 2007 година, во винотеката „Темов“, каде што изложил 200 фотографии, претежно портрети на музичари и гости направени за време на „свирки“ во овој своевремено култен ноќен клуб.

Потем, на двапати изложувал во Франција, во Каен и Ифс, каде што ја понудил својата колекција на фотографии снимени во Старата скопска чаршија. Во рамките на програмата „Македонија без дискриминација“ во 2009 година ја освои специјалната награда на жирито за најдобра фотоприказна, на темата „Еднакви можности и (НЕ) дискриминација“, а две години подоцна на „Млад отворен театар“ (МОТ) се претстави со изложбата „Три“, со фотографии од три претстави одиграни на три различни сцени во една иста ноќ снимени на претходното издание на оваа значајна културна манифестација.

Истата колекција, по покана од организаторот, следната година беше претставена на фестивалот „Бош“ во Гевгелија. На Деновите на македонска фотографија, што се одржаа во Охрид во 2021 година, а чиј традиционален организатор е Фотосојузот на Македонија, за колекцијата насловена „Генеза“, уметникот ја освои третата награда во оваа категорија.

Во 2021 година во Кинотека на Република Северна Македонија, се претстави со колекција фотографии под името „Претстава“, направени на разни театарски сцени. Истата колекција ја изложува на 11.10.2021 година во Подгорица, под покровителство на КИЦ-Подгорица и Амбасадата на РСМ, како и во 2022 година, во фоајето на НТ Битола, во рамките на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот