Изложба на македонскиот уметник Иван Ивановски е поставена во Музејот за уметност „Гуангдонг Сан Та“ во Кина
Во Музејот за уметност „Гуангдонг Сан Та“ во градот Гуангџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември беше отворена самостојната изложба „Помеѓу“ („In Between“) на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Препорачано
Проектот „Помеѓу“ („In Between“) е простор, емоционална состојба, фрагмент од време, запис на едно патување – и физичко и концептуално – премин од Запад кон Исток, од една во друга реалност. Тоа е процес, транзиција во која секој чекор остава трага, што се манифестира преку делата. Тие ја рефлектираат на индивидуалната и општествената динамика, истражувајќи го менталитетот на масата и индивидуалниот ум.
Иако секое дело стои самостојно – пренесувајќи различна нарација, истражувајќи идеја или шпекулирајќи со значење – нивното заедничко присуство создава сложени, испреплетени и често неочекувани резултати. Заедно, тие оформуваат повеќеслоен дискурс за перцепцијата, идентитетот и границите меѓу објективното и субјективното.
Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на „Фликер студио“, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Музејот за уметност „Гуангдонг Сан Та“), со коорганизатор Жанг Веи. Изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски („Поетроника“), студиски сет специјално снимен за оваа прилика. Фотографиите се на Даниел Коцев – Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен.

Иван Ивановски (1983, Скопје) е визуелен уметник чија практика ги опфаќа скулптурата, цртежот, сликарството, инсталацијата, филмот и анимацијата. Дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2008), во 2014 година ја завршил академската програма по режија на ФАМУ во Република Чешка, а во моментов е на постдипломски културолошки студии на Институтот за македонска литература.
Досега има реализирано многубројни самостојни и групни изложби во Белград, Берлин, Њујорк, Амстердам и други градови. Активно работи во областа на анимацијата, автор е на скулптурите „Луѓе птици“ во Градскиот парк во Скопје, како и на повеќе книги, меѓу кои „Мезанин“, „Void“, „Симптоми“ и „_cracy“.


