Книгата излезе во издание на „Три“

Излезе новиот роман на Венко Андоновски со наслов „Александар јава на запад“

Во издание на Издавачкиот центар „Три“ објавено е најновото дело на писателот Венко Андоновски, а насловот на делото е „Александар јава на запад“.

Венко Андоновски е автор, меѓу другото, на две книги поезија, три книги раскази, пет романи, еден прирачник за креативно пишување, 18 изведени театарски пиеси и едно сценарио за игран филм. И покрај целиот овој опус, „Александар јава на запад“ не припаѓа во ниту една од овие категории. Станува збор за фасцинантна фарса и ведра гротеска напишана со брутална смелост и пародиски означена со жанрот „чекајќи роман“.

Со овој „нов жанр“ Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени, истакнуваат од „Три“.

Содржината на романот го следи текот на еден необичен настан – оживуваат два споменика на скопскиот плоштад, оној на Александар и оној на Гоце Делчев, па тргнуваат да видат како денес изгледа светот.

Од Издавачкиот центар „Три“ најавуваат промоција на почетокот на декември, со очекување дека и оваа книга ќе стане популарна како неговите останати остварувања, што го прави еден од најчитаните домашни автори во Македонија. „Папокот на светот“ досега е печатена во 15.000, а „Вештица“ во 11.000 примероци.

„Кандид во земјата на чудата“ беше на репертоарот на Драмски театар цели седум години, со над сто изведби. Со оглед на тоа што е напишан со динамика што потсетува на сцена и се чита како да се гледа, се очекува дека и овој роман ќе добие слично, ако не и поголемо внимание и ќе изврши големо влијание, со потенцијал да биде препознаено и надвор од нашата книжевна сцена.

Делата на Венко Андоновски веќе се преведени на десетина јазици, меѓу кои на англиски, француски, руски, унгарски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот