Излегувањето на Емиратите не значи крај на ОПЕК, но е важно за цената на нафтата
Излегувањето на Обединетите Арапски Емирати од ОПЕК не значи крај на организацијата, но може сериозно да влијае врз цената на нафтата, пишува Мајкл Линч во анализа за „Форбс“.
Препорачано
Причината за ова е во тоа што Емиратите не се мала членка, чиј излез од организацијата на земји кои извезуваат нафта лесно може да се апсорбира. Пред израелско-американскиот напад врз Иран, државата произведуваше околу 3,5 милиони барели дневно, има капацитет од 4,3 милиони барели и планира до 2027 година да додаде над милион барели на дневно ниво.
Такво зголемување може да создаде вишок понуда на светскиот пазар, особено ако се обнови производството во Персискиот Залив, ако се олеснат санкциите кон Иран и ако глобалната побарувачка остане слаба. Во такво сценарио, цената на нафтата би можела да се најде под силен надолен притисок.
ОПЕК и претходно се соочувал со излегување на членки и со силни падови на цените, како во 1986, 1998, 2014 и 2020 година. Сепак, организацијата секојпат успевала повторно да го врати влијанието врз пазарот.
Излегувањата на Индонезија и Еквадор не предизвикале големи потреси, бидејќи тие не биле клучни извозници. Случајот со ОАЕ е поинаков, бидејќи станува збор за еден од најважните производители во Персискиот Залив.
Пред војната, глобалното производство веќе било проценето на околу два милиони барели дневно над побарувачката. Дел од тој вишок го апсорбирала Кина за своите стратешки резерви, додека дел завршувал во пловечки складишта, бидејќи американските санкции ја отежнувале продажбата на одредени количини нафта.
Кога војната со Иран ќе заврши, се очекува производството во Персискиот Залив постепено да се обнови. Ако санкциите кон Иран бидат олеснети, на пазарот би можело да се појави уште повеќе нафта.
Во такви услови, дополнителното производство од Емиратите би можело да ја засили нерамнотежата меѓу понудата и побарувачката. Според анализата, најдоцна до крајот на следната година светскиот пазар би можел да се соочи со сериозен вишок понуда.
Преостанатите членки на ОПЕК тогаш би имале две опции: повторно да ги намалат квотите или да дозволат цената да падне. Но поради политичките тензии меѓу Саудиска Арабија и Емиратите, не е сигурно дека Ријад би презел еднострано намалување на производството, како што понекогаш правел во минатото.
Емиратите имаат големи финансиски резерви и можат да издржат подолг период на пониски цени на нафтата. Сепак, политичкиот притисок од соседните земји би можел да биде поголем проблем од економскиот.
Силата на ОПЕК отсекогаш била во тоа што организацијата можела да обезбеди повисоки цени за своите членки, дури и кога тоа барало намалување на производството. Токму таа економска логика би можела повторно да ги приближи Емиратите до ОПЕК или барем до неформално усогласување со ОПЕК+.
До тогаш, статусот на ОАЕ и нивната подготвеност да го игнорираат притисокот за ограничување на производството би можеле да предизвикаат остри осцилации на цената на нафтата.
ОПЕК: Производството на нафта се намалува во неколку земји од Блискиот Исток


