Ќе се градат гробишта за миленици и кафилерија
Интензивно се работи на изградба на кафилерија во Македонија и на системско решавање на проблемот со немањето гробишта за домашни миленици. Како што изјави за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, до средината на 2026 година се очекува да бидат договорени основите за двата проекта, локациите и потребната инфраструктура, по што ќе започне и практичната реализација.
Препорачано
Миланов посочува дека досега голем дел од починатите миленици завршувале на депонии за комунален отпад, што е сериозен еколошки и здравствен проблем. Во однос на кафилеријата, идејата постои уште од 2019 година, но поради несогласувања и недоволна информираност на локалното население не била утврдена соодветна локација.
Во текот на неделава, најави тој, ќе се одржи состанок со Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС, на кој ќе се разгледа можноста секоја општина да има прифатилиште и гробишта за миленици, надвор од урбаните средини. За кафилеријата, како најреална опција се разгледува јавно-приватно партнерство, како и можноста за мобилна кафилерија по европски модел.
Миланов истакна дека изградбата на кафилерија е и еден од условите во процесот на преговори со Европската Унија и изрази оптимизам дека проектот ќе започне наскоро.
Тој информираше и дека е изготвен нов закон за здравствена заштита на животните, со кој се опфатени и бездомните кучиња, чиј број во земјава надминува 8.000. Законот предвидува казни за неодговорно сопствеништво и построги правила за чување кучиња на јавни места, а се очекува да биде донесен до крајот на оваа или почетокот на следната година.


