Издавачката куќа „Слово“ ја објави научно-популарната книга „Биографија на аналогниот магнетофон“
Извонредно дело од областа на аудиотехниката со наслов „Биографија на аналогниот магнетофон“ од Вангел Башевски – Барми е достапно во е-продавницата на списанието „Емитер“. Книгата е објавена од издавачката куќа „Слово“.
Препорачано
Станува збор за научно-популарно издание кое главно се занимава со историјата на аудиотехнологијата и музиката и е прво од таков вид во регионов.
– Авторот најнапред нѐ запознава со физичките својства на звукот и перцепцијата на звукот од страна на човекот, за потоа да се запознаеме и со главниот актер во книгата – аналогниот магнетофон, неговиот принцип на работа и конструкција. Потоа продолжуваме со неговата употреба во процесите на обработка на звукот, креирањето на аудиозаписи и нивна репродукција. Во книгата е запишана и историјата на аналогниот магнетофон, главните актери во развојот, кои биле неговите претци, наследници и иноватори, како и различните концепти на развој од двете страни на „Големата бара“ и на Далечниот Исток. Потоа Башевски нѐ запознава со употребата на магнетофонот како креативна алатка – како музички инструмент, алатка за звучната креација и монтажа, но и како експериментален медиум. Дознаваме за проблемите и предизвиците што оваа алатка ги носи во практиката. За крај, сосема природно, Башевски завршува со споредбата на предностите и недостатоците на аналогниот магнетофон и дигиталните снимачи и носачи на звук – посочува Слободан Таневски, уредник на „Емитер“ и стручен редактор на книгата.

Вангел Башевски – Барми е дипломиран инженер на звук и афирмиран блогер, фриленс-новинар, издавач, радиоводител и рок-музичар. „Биографија на аналогниот магнетофон“ е научно-популарен труд на Башевски, кој содржи елементи од акустиката, електротехниката, аудиотехниката, аудио-визуелните уметности и други сфери. Поконкретно, тој се занимава со развојот и примената на аналогниот магнетофон, највлијателниот изум за звучно снимање.
Рецензенти на книгата се професорите Братислав Зафировски-Брацо (познат како тон-мајстор на „Леб и сол“ и други имиња од земјава и екс-ЈУ просторите, како и по својата работа со филмскиот тон), и Валентино Скендеровски (познат по групата „Меморија“ и како продуцент на дела на Тоше Проески, Каролина Гочева и други ѕвезди).
Книгата изобилува со графички материјали, а автор на некои од нив е Екатерина Змиевскаја, афирмирана дизајнерка родум од Украина, инаку сопруга на Башевски.
Книгата веќе се најде во книжарниците (на пр. во скопските „Или-Или“, „Буква“ и др.), а целна група се: музичарите, аудиофилите, филмофилите, електротехничарите и оние кои студираат во тие сфери, како и оние кои го следат т.н. ретро-тренд, кој е доста застапен низ светот.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 170, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.3.2023)


