Корица на книгата / Иван Џепароски

Издавачката куќа „Аз-Буки“ ја објави книгата „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“ од Иван Џепароски

Деновиве во рамки на престижната едиција „Филозофски дисциплини“ на издавачката куќа „Аз-Буки“ од Скопје излезе од печат книгата од областа на естетиката на нашиот еминентен филозоф, естетичар, есеист, поет и книжевен критичар, проф. д-р Иван Џепароски „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“.

Ова монографско издание е изворно дело од областа на естетиката и е резултат на авторовото големо теориско и емпириско искуство и знаење стекнато во повеќедецениска научно-истражувачка и културна дејност во областа на филозофските односно хуманистичките науки, имено на естетиката, односно на филозофијата на уметноста или филозофската естетика.

Како што укажува и проф. д-р Денко Скаловски во својата рецензија кон книгата, „врвниот квалитет на ова дело од областа на естетиката на колегата Џепароски може да се насети веќе и од насловот, имено ‘Историја на естетиката: од Питагора до Хјум’, зашто веќе од самиот наслов на познавачите им се укажува дека ова е првата систематска историја на естетиката напишана на македонски јазик која опфаќа едно големо филозофско-историско раздобје: од антиката и почетоците на естетиката во лицето на претставниците на космолошката (Питагора) и антрополошката естетика (Протагора), па преку систематското раздобје на античката естетика (Платон и Аристотел), средновековната и ренесансната естетика, сè до естетиката на XVIII век (Баумгартен и Хјум) и до засновувањето на естетиката како филозофска дисциплина. Ова е особено значајно да се истакне во времево во кое позитивизмот во науката и во филозофијата ги зафати и хуманистичките науки и стори да се ‘заборават’ должностите за постојано навраќање кон фундаменталните поимно-категоријални и естетичко-историски согледби наследени од античката философија, па преку средновековната и византиската естетика (Августин, Аквински, Псевдо Дионисиј Ареопагит) и ренесансната естетика (Леонардо и Рафаел), потоа пренесени и во естетиката на просветителството (Волтер и Дидро) и во модерната рационалистичка и емпиристичка естетика (Баумгартен и Хјум). Во светски рамки, овие клучни мислители и естетичари и денес се мошне актуелни, зашто без нив е безмалку невозможно да се замисли толкувањето на книжевноста и на поодделните уметности и во минатото, но и денес.

Оваа посветеност кон систематизирањето и заокружувањето на сопствениот естетички светоглед е уште една потврда за неговиот растеж и развој како врвен филозофски теоретичар, естетичар, теоретичар на книжевноста, есеист и поет, што сведочи за неговата исклучителна филозофска креативност, дарба и повеќекратен талент, но и голема ерудиција, трудољубивост и работливост. Како потврда на овие ставови можеме да ја наведеме неговата философска студија ‘Естетика: Естетички категории’, издадена во 2020 година од страна на ‘Аз-Буки’, како и низата стручни прилози објавени во домашната и странската стручна периодика во изминатиот период.

И ова дело на Иван Џепароски, како и цела низа негови претходни филозофски и естетички дела објавени во период од четириесет години, е проследено со релевантна и референтна филозофска и стручна, примарна и секундарна литература од антологиски, светски признати и познати автори, издадени и преведени, како на македонски, така и на неколку светски јазици. Згора на тоа, оваа книга, и според својот стил и според својот пристап, не е упатена само кон познавачите на филозофијата и на естетиката, туку и кон севкупната наша културна и читателска јавност заинтересирана за темелните вредности на естетиката, книжевноста и уметноста.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот