Издание број 100 на „Шарла Рекордс“ е албумот на „Карла Левински“

„Карла Левински“ на настап во живо пред „Ла Кања“

Независниот издавач „Шарла Рекордс“ како издание број 100 во својата продукција го објави истоимениот албум на бендот „Карла Левински“. Станува збор за најновиот музички проект на неуморниот Сеад Хаџиќ – Сецко, и овојпат поддржан и следен од неговите музички пријатели.

Иако некои кругови ќе го наречат жива легенда на скопската сцена, музички ветеран за некои други, сепак, најпрецизен опис би бил дека се работи за еден од најавтентичните гитаристи на домашната независна рок-сцена, карактерен и иновативен автор без рок на траење.

После повеќе од 35 години и околу дваесетина албуми под неговиот појас, Сецко ни нуди бенд со исклучително провокативен и интригантен концепт – „Карла Левински“.

– „Карла Левински“ е процес, идеолошки и естетски инспириран од авангардата на 20 век – од ситуационизмот и летеризмот, преку анархизмот на Прудон, Кропоткин и Бакуњин, индивидуализмот на Макс Штирнер, па сѐ до југословенскиот црн бран и секако, панкот во сите појавни форми и значења. Логично, албумот е на истата естетска линија со своите влијанија, и во сите осум песни може да се почувствува сирова музичка енергија и политички став со јасен критички однос кон светот денес и општествата моделирани според доминантиот принцип. Воедно, ова е и вредна музичка посвета на историјата на панкот, постпанк варијациите со сите електронски влијанија низ времето, и сѐ тоа во една аналогна звучна слика со луцидни експериментални акции кои се заштитен знак на бендовите на Сеад Хаџиќ – посочуваат од „Шарла Рекордс“.

Насловна корица на албумот „Карла Левински“

Како музичари-соработници на овој материјал, покрај неговиот постојан музички партнер Огнен Мангаровски – Оки (гитара и сајзери), се појавуваат и Андреј Коларовски на бас-гитара и Ратко Даутовски на перкусии.

Албумот е снимен во домашното студио на Сеад Хаџиќ, а миксот и продукцијата се дело на Горан Трајкоски. Дизајнот на изданието е на Тања Вукобрат, по идеја на Сеад Хаџиќ. Слушачката промоција на албумот се одржа на 7 јуни во „Ла Кања“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 235, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот