Локални избори 2025 / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Избори се редат, Изборниот законик си чека да биде променет

Ниту една (измена) не е донесена. И сега мојот став е дека повторно ќе се појават истите забелешки. Во однос на локалните избори, паѓа заинтересираноста, има апатија и треба да се размислува дали намалувањето на цензусот од 33 отсто би било поефикасно. По локалните избори, мора веднаш да се пристапи кон изготвување на нов изборен законик, смета Новаковски.

Нејасно е дали и кога Македонија ќе добие нов Изборен законик, зашто по секој изборен циклус Министерството за правда и партиите најавуваат нови изборни правила и си ја префрлаат топката околу одговорноста зошто не се имплементирани ниту препораките од ОБСЕ и ОДИХР. Оттука, неизвесно е и дали и кога сите партии кои учествуваат на избори ќе имаат пристап до платено рекламирање, колку потписи се потребни за независните да настапат на избори, дали цензусите за претседателските и за локалните избори од 40, односно од 33 отсто се превисоки, дали е потребна промена на изборниот модел, отворени листи итн.

И од извештајот на ОБСЕ/ОДИХР по првиот изборен круг на локалните избори забелешките, меѓу другото, се дека изборите биле засенети од правни недостатоци, односно дека остануваат загрижувачки недостатоците во изборното законодавство и дека треба да се реши прашањето поврзано со финансирањето на кампањата и еднаквите можности за медиумска застапеност. Платеното политичко рекламирање изби во преден план токму на локалните избори кои се во тек, откако од Упатството на АААВМУ произлезе дека на партиите Левица и ЗНАМ не им следуваат платени реклами во медиумите, бидејќи во Изборниот законик нема одредба со која се опфатени партии што имаат пратенички групи што се трета или четврта според бројот на пратеници.

Препораките од 2024 година остануваат неспроведени

Според извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, клучните аспекти од изборниот процес бараат реформи од финансирање на кампања до еднаков пристап до медиумите за сите кандидати. Се потенцира и дека правната рамка обезбедува техничка основа за демократски избори, но содржи бројни празнини и нејаснотии кои овозможуваат различни толкувања. Иако измените на Изборниот законик од 2024 година опфатиле дел од претходните препораки на ОДИХР, голем дел од нив и понатаму остануваат неспроведени.

Од Министерството за правда за „Слободен печат“ велат дека е потребен нов Изборен законик.

– Изборниот законик е законско решение, кое од моментот на неговото донесување, заклучно со овие избори, има претрпено околу 40-ина измени, кои поради нивниот парцијален пристап создаваат неконзистентност на целиот закон. Токму затоа Министерството за правда смета дека е неопходна целосна реформа и изработка на нов Изборен законик, во кој ќе бидат вградени препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Сите досегашни измени на Изборниот законик се направени преку групи на пратеници во Собранието, а сите обиди за целосна негова ревизија завршија неуспешно – велат од Министерството.

Пратениците укажуваат дека се потребни измени или нов Изборен законик, но не прецизираат дали актуелниот собраниски состав ќе предложи ново законско решение.

Новаковски: Измените никогаш не поминаа во Собранието

Поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) и претседател на последната работна група за измени на Изборниот законик при Министерството за правда Александар Новаковски за „Слободен печат“ вели дека тие ја завршиле работата, но дека измените никогаш не поминале во Собранието.

– Работната група работеше на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, истите беа завршени, текст беше направен во верзија на предлог за измени и дополнувања и доставен до Министерството за правда. Во нив, во еден од извештаите на ОБСЕ/ОДИХР беа констатирани истите забелешки кои се повторуваат секој изборен процес и беше наведено дека државата треба да постапи по препораките, да ги имплементира измените на законите поради истите причини што и сега се наведуваат. Тоа е сторено, сите можни препораки беа разгледани и имплементирани во предлог за измени и дополнувања. Заклучокот на Министерството за правда беше дека по завршувањето со измените и на Изборниот законик, истата работна група да изготви нов Изборен законик. Од кои причини тој текст не беше пратен до Собранието или беше пратен, не ми е познато. Важно е дека ниту една препорака од ниту една измена и дополнување, Собранието во минатиот состав не донесе – вели Новаковски.

Тој потсетува дека измените се однесувале на финансирањето на партиите, на рамноправниот пристап, на работата на ДИК во делот на заштитата на избирачкото право, на тоа избирачките одбори да работат поефикасно…

– Ниту една не е донесена. И сега мојот став е дека повторно ќе се појават истите забелешки. Цензусот за претседател на држава од 50 отсто се симна на 40 отсто, зашто беше многу висок, барем според нашата излезност. Со излезеност од 42,60 отсто за претседателските избори блиску сме до неостварување на цензусот. Во однос на локалните избори, паѓа заинтересираноста, има апатија и треба да се размислува дали намалувањето на цензусот од 33 отсто би било поефикасно. По локалните избори, мора веднаш да се пристапи кон изготвување нов изборен законик – смета Новаковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот