Ивановска од ДКСК: Владата нè информира дека ќе го раскине договорот со ТЕ-ТО АД за државна помош

Билјана Ивановска ДКСК/ Фото: МИА

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) добила информација од Владата дека  Договорот за државна помош со ТЕ-ТО АД ќе биде раскинат, откако антикорупциската комисија укажала на неутврдени недостатоци, информира денеска претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Ивановска на седницата на ДКСК информира за предметот за наводи за злоупотреба на државна помош на ТЕ-ТО АД меѓу Владата и ова друштво, која се состои во одложување на плаќање даночен долг, односно данок на добивка од 15 милиони евра за 2018 година. Добивката не е резултат од редовното работење туку од план за реорганизација на АД ТЕ-ТО приложен поради стечајната постапка на фирмата, согласно кој е извршен отпис во износ од 90 проценти од побарањата на доверителите на ТЕТО, а тоа е 151.464.932 милиони евра.

– До Владата се доставени неколку предлози со барање за државна помош, најпрво за претпријатие со потешкотии, со одлагање на обврската за плаќање данок на добивка во износ од 884.277.543 милиони денари и тоа по успешното завршување на планот за реорганизација, односно по девет години, а потоа е побарана државна помош за проект од значаен економски интерес во вид на одлагање на доспевањата на долгот. Значи во текот на целиот овој процес имаат поднесено различни барања. Договорот по цела година од потпишувањето не е функционален, а ТЕ-ТО сè уште се води како должник, рече Иваноска.

Таа додаде дека за утврдување на фактичката состојба, побарани се информации и одговори од повеќе институции и побарани се документи од надлежни тела, а одржана е линковска средба со премиерот Заев како потписник на договорот во име на Владата.

-.Со увидот во документацијата утврдивме дека Планот за реорганизација не е подготвен во согласност со Законот за стечај, бидејќи нема финансиски проекции кои ја содржат оваа обврска за плаќање данок од добивка, а истата можела да се предвиди бидејќи е настаната со отпис на обврските. Со увид во постапката на Владата утврдивме дека процесот се одвива во отсуство на донесени уредби за тоа како да постапува Владата, кои согласно законот Владата требало да ги донесе во рок од два месеци од донесувањето на законот на што било укажано и од Секретаријатот за законодавство, истакна Ивановска.

-Договорот е склучен за доделување помош во вид на одлагање на доспевање на долгот што не е во согласност со Законот за државна помош каде е предвидено доделување на државна помош да биде во вид на одлагање на плаќањето бидејќи на тој начин се избегнува камата која тече за време на одлагање на доспеаноста на веќе доспеан даночен долг што претставува намален приход на државата, односно во даночна постапка тоа значи отпис на камата, а тоа не е во согласност со Законот за даночна постапка. Ова е укажано од страна на тогашната министерка Нина Ангеловска. Со тоа вкупниот износ на долгот за кој се дава државната помош изнесува 2,6 милијарди денари наместо предложените 872 милиони денари. Но, ова објаснување не влијаниеле на потпишувањето на договорот, додаде Ивановска.

Таа додаде дека во разговор со премиерот Заев му ги посочиле наведените слабости на Договорот и дека тој треба спогодбено да се раскине, за што од Владата добиле информација дека тој ќе биде раскинат и оти за тоа писмено ќе ги известат во ДКСК.

– Со тоа предлагам постапката да запре и предметот да се архивира, рече Ивановска на седницата која се одржува преку видео-конференциска врска.

На седницата на Антикорупциска беше утврдено и дека постои судир на интереси во предметот по пријава на познат подносител – правно лице, за лицето Атанаско Тунески, кој е избран за член на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи имал акции во АД за промет со нафта и нафтени деривати „Макпетрол АД“ пред да биде именуван на таа функција. Тој е избран од Собранието за член на РКЕ по предлог на Владата по спроведен јавен оглас во јуни 2018 година.

Како што информира членот на Антикорупциска, Нури Бајрами, по средба на пријавителот, на членот на РКЕ и на претседателот на РКЕ со претставници на ДКСК е утврдено дека Тунески ги пријавил акциите, но дека во огласот не било наведено дека треба да се наведат сите забрани, иако вели тоа е таксативно наведено во член 22 од Законот за енергетика и во член 55 од Законот за спречување корупција и судир на интереси.

Донесена е одлука за постоење судир на интереси и лицето е известено дека во рок од 15 дена треба да постапува и да одлучи дали ќе остане на функцијата или ќе ги продаде уделите. Од РКЕ во меѓувреме биле информирани дека Тунески веќе постапил по одлуката и ги продал акциите, но се чека формална потврда од РКЕ дека е тоа направено за да се затвори предметот.

Седницата беше прекината, а продолжението ќе биде дополнително најавено исклучиво по поставување на предемти кои се веќе поминати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот