Иванова од „Диамед“ доби две години затвор условно и загуби 11 милиони евра
Условна казна од две години затвор, која нема да се изврши доколку обвинетата не стори ново кривично дело во наредните пет години, доби Вера Иванова во случајот „Диамед“ поврзан со продажбата на центрите за дијализа. Со првостепената пресуда на Основниот кривичен суд е досудена и конфискација на имот во вредност од над 11 милиони евра.
Препорачано
– За кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, судот утврди казна затвор од една година и три месеци, и за кривичното дело перење пари – една година и три месеци затвор. На обвинетата ѝ се утврдува единствена казна затвор од две години, па согласно одредбите од членовите 48, 42 и 50, единствена казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку обвинетата во рок од пет години сметано од денот на пресудата, не стори ново кривично дело – објасни при изрекувањето на пресудата судијата Илија Трпков.
Одлуката не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје. Обвинението за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „перење пари“ беше поднесено во април 2021, а судскиот процес започна во септември истата година.


