Италијанска докторка проговорила за личните драми на медицинскиот персонал: Повеќе од две недели не сум го гушнала синот, плачеме кришум…

Фото: EPA-EFE/GIUSEPPE LAMI

Секој моментно со ситуацијата во светот се бори на свој начин. Но, болниците немаат толкави капацитети. А ова е човечката страна на докторската приказна. 

Италијанскиот весник „Ла Република“ објави интервју со 37-годишната Федерика Пецети, вработена во болницата во Кремона, северна Италија (Ломбардија). Фактот дека „јаде сама, спие сама и живее сама“, со оглед на тоа што нејзиното семејство е во комплетна изолација од неа, како потенцијален преносител на вирус бидејќи работи со заболени, не е ништо спрема фактот дека по исцрпувачките денови не може да си го гушне своето дете.

Како координаторка во болницата во којашто работи, Пецети се обидува од ден во ден да ги „фати конците“ за секој сектор да работи со полн капацитет, но персонал во овие критични моменти недостига. Ги предупедува луѓето да останат дома за да се спречи ширењето на коронавирусот.

– Повеќе од две недели не сум го гушнала своето дете, ни јас ни останатите мајки во болницата, медицинските сестри и докторки. На мојот 7-годишен син, се обидов да му објаснам што се случува, му ја кажав вистината. Кога ќе дојдам дома, јадам сама, не се дружам со најблиските, спијам одвоено, толку сме внимателни… Дури и ако се вратам дома, ако ја завршам смената во 3 часот наутро, утрото во 8 часот се враќам назад во болницата. На син ми му давам бакнеж во мислите и поаѓам…, вели Пецети.

Пецети вели дека некои нејзини колеги не си го виделе семејството и по три недели.

Плачеме, се разбира. Кога сè едноставно ќе стане премногу, кога стигнуваме до својот лимит, плачеме во некоја скриена соба. На момент, потоа сè од почеток. Доаѓа адреналинот, пркос низ солзи. Понекогаш меѓусебно се расправаме, ние персоналот во болницата, поради ракавиците кои не се доставени на време или маските за лице, доволни се ситници за нервите да ни „скокнат“. Но, ние во болницата во Кремона покажавме навистина еден посебен вид на обединетост, онаква каква до сега никогаш не сум видела на дело. Сите работа сè, секој помага секому, не постои хиерархија…, вели докторката за весникотЛа Република“.

Доктор Пецети стравува за своето семејство и за сите кои се во болницата. Признава дека и во миговите кога е најуморна, а слуша нова сирена на итна помош, паѓа во очај, не се гледа крајот.

Со оглед на тоа што во болницата имаат само еден психолог, и тоа волонтерка, доктор Пецети зборува и за есенцијалната важност на стручна личност која би зборувала со сите. Потреба да зборуваат за она што ги мачи, вели, имаат сите колеги. Да се изнаприкажат, зашто не можат да се пожалат на семејството, а ни нивните сили не се неисцрпни.

– Се работи по 24 часа, тоа е неиздржливо. Не земаме свеж воздух по 48 часа. Генерално, оди на подобро, почнуваме да функционираме, но недостига персонал, и персоналот се заразува – се жали докторката.

Што ќе прави кога сè ова ќе мине?

– Ќе го гушнам син ми и сопругот и цел ден ќе ги гушкам. Цел ден! После тоа ќе легнам на троседот, ќе се опуштам баш како во оние денови кои сега ми изгледаат толку далеку, но ќе се вратат, вели таа.

Претходно денес беше објавено дека најтешко погодениот регион подготвува нови мерки со кои се предвидува „кој ќе живее, а кој ќе умре“. Според новите предлози на жртвите на коронавирус во Италија ќе им биде забранет пристап до интензивна нега ако се на возраст од 80 години или повеќе или со лошо здравје доколку се зголеми притисокот врз здравствениот систем. Ваквиот документ е доставен до единиците за управување со кризи во Торино, според британски Телеграф.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот