Италија моќно до четвртфиналето, Македонија го заврши настапот на Евроволеј 2023

фото: EPA-EFE/PASQUALE BOVE

Денеска во своето прво историско осминафинале на европските првенства, македонската одбојкарска сениорска репрезентација загуби во Бари од домаќинот Италија со 3:0 во сетови (25:20, 25:12, 25:15).

Италијанците се покажаа како поквалитетни од избраниците на селекторот Јошко Миленкоски и докажаа зошто се едни од фаворитите за златниот медал на континенталниот собир. За нас останува податокот дека за првпат на едно ЕП успеавме да се најдеме меѓу најдобрите 16 одбојкарски репрезентации на Стариот континент.

Водевме рамноправна борба во текот на првиот сет, иако Аѕурите стекнаа почетна предност од 6:3. Таа позитива од „плус три“ поени ја одржуваа во следниот период, но потоа дозволивме истата да се крене уште повеќе, па противникот имаше 16:10 и 19:12.

Следуваше наша серија на поени од 7:3, но доволно само колку да се анулира пола од негативата, успеавме да стигнаме до 22:19, не доволно за каков било пресврт до крајот на првиот сет.

Во вториот сет Италијанците притиснаа, одиграа уште подобро, а ние го имавме најслабиот сет во мечот. Иако имавме во еден момент имавме само „еден минус негатива“ (6:5), следуваше серија од 7:1 на италијанските одбојкари која беше клучна за зголемување на предноста во сетови.

Постепено растеше позитивата на домаќините, истата стана веќе и „двоцифрена“, највисоката доаѓаше до „плус 13“ и конечни 25:12.

Ништо не се промени ни во третиот сет, продолжи доминацијата на Италија која воглавно беше предводена од одличните Микелето и Лавиа.

Двапати израмнивме на стартот (1:1, 2:2), но повторно пресуди поголемиот квалитет и искуство на домаќините, имаа 6:2, па 9:3, а на 17:8 веќе сите дилеми околу победникот беа решени.

Во нашите редови по 10 поени забележаа Н. Ѓоргиев и Љафтов, а на спротивната страна Лавиа запиша 16, додека по 12 поени Микелето и Романо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот