Италија и кризата кај Ормускиот Теснец: Дипломатија, поморски мисии и стабилност во обезбедување храна
Блокадата на Ормуз за италијанската влада не претставува само регионална криза, туку глобален шок кој детерминирано влијае врз енергетската безбедност, индустриската конкурентност и меѓународната економска рамнотежа, вели министерот Тајани во колумна што се објавува во повеќе светски медиуми, меѓу кои и „Слободен печат“.
Од самото избувнување на војната меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, Италија дејствува заедно со европските партнери, Г7 и мултилатералните организации за да се постигне прекин на непријателствата, да се обезбеди повторно отворање на Ормускиот Теснец и да се врати стабилноста на Блискиот Исток. Во оваа рамка, нашата земја изрази подготвеност да учествува, по завршувањето на конфликтот, во меѓународна коалиција со одбранбен карактер за враќање на слободата на пловидбата во Теснецот.
Препорачано
Како што потсетив за време на моето обраќање пред комисијата во италијанскиот парламент, блокадата на Ормуз за нашата влада не претставува само регионална криза, туку глобален шок кој детерминирано влијае врз енергетската безбедност, индустриската конкурентност и меѓународната економска рамнотежа. Ова е особено релевантен ризик за сите земји од регионот, но и за извозно ориентирана земја како Италија, чиј извоз изнесува околу 40% од БДП.
Ормускиот Теснец, како што знаеме, е стратешки јазол на светската трговија: низ тој премин поминува околу 20% од глобалната нафта, една четвртина од извозот на течен природен гас и значителен дел од суровините потребни за меѓународните производствени синџири. Несигурноста на трговските патишта и поскапувањето на енергијата веќе почнаа да предизвикуваат ефекти врз европските семејства и бизниси. И покрај забавувањето на глобалната трговија и влијанието на царините, во 2025 година италијанскиот извоз сепак порасна за 3,3%, потврдувајќи колку е суштинска стабилноста на поморските патишта за италијанската економија.
Она што нè загрижува, сепак, не е само влијанието врз националната индустрија. Алармантни се и последиците врз најранливите земји во Африка и поширокиот Медитеран. Низ Ормускиот Теснец поминува околу 30% од светскиот извоз на ѓубрива, кои се клучни за обезбедување храна на многу ранливи економии. Случајот со Судан, каде што продолжува една од најтешките хуманитарни кризи во светот, е амблематичен. Зголемувањето на цените на енергијата и на ѓубривата ризикува да го намали земјоделското производство, да ја поттикне инфлацијата и да ги влоши нестабилноста, гладот и миграциските текови кон Европа.
Поради оваа причина, на почетокот на мај свикавме состанок, заедно со мојот хрватски колега — претседавач со МЕД9 — поканувајќи триесет земји од Медитеранот, Блискиот Исток и Балканот, како и ФАО, за да ја промовираме „Римската коалиција за безбедност на храната и пристап до ѓубрива“, постојан форум за изнаоѓање итни и конкретни решенија.
Нашето толкување е дека кризата во Ормуз е одраз на поширок конфликт, вкоренет во децениските тензии меѓу Соединетите Американски Држави, Израел и Иран. Во ова сценарио, продолжуваме да се залагаме дека дипломатскиот пристап останува единствениот можен, а воедно и повторуваме дека Техеран не смее да поседува нуклеарно оружје, ниту ракетни системи способни дополнително да го дестабилизираат регионот.
Не можеме да го избришеме сеќавањето на репресиите против протестите на младите во Иран, крваво задушени од страна на режимот. Репресија која продолжува и денес преку апсења и егзекуции на неистомислениците. Во последните недели, Техеран неселективно погоди станбени области, хотели, болници и енергетска инфраструктура во неколку земји од Заливот. Напади кои продолжуваат и денес и кои најостро ги осудивме, изразувајќи солидарност со Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Оман и Саудиска Арабија.
На дипломатски план, одржувам постојан контакт со мојот пријател, Државниот секретар на САД, Марко Рубио, со кого се сретнав во Рим изминатите денови. Се согласивме за потребата од зачувување на трансатлантската врска и заеднички да работиме за постигнување меѓународен мир и стабилност. Исто така, ја потврдив поддршката за преговорите што се одвиваат во Пакистан, кои ги сметаме за клучни за одржување на отворена дипломатска перспектива.
Го продолжив дијалогот и со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, нагласувајќи ја потребата Техеран да преговара „со добра волја“ и да ја продолжи соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија, истовремено градејќи позитивни односи со земјите од Заливот.
Изминатите недели ја посетив Кина за да се сретнам со министерот за надворешни работи Ванг Ји, од кого побарав поактивна улога на Пекинг во медијацијата со Техеран. Паралелно со тоа, Рим одржува директна линија со регионалните партнери од Заливот, кои се сметаат за незаменливи соговорници за секое трајно дипломатско решение и за идното враќање на слободата на пловидбата во Теснецот.
На оперативен план, Италија е подготвена да го стави на располагање искуството стекнато во европските поморски мисии во Црвеното Море, Индискиот Океан и Медитеранот. Особено, сметаме дека е неопходно да се зајакне европската мисија АСПИДЕС, во која моментално само Италија и Грција се ангажирани во патролирањето на Црвеното Море за да го гарантираат поморскиот транспорт. Во мултилатералната мисија што ќе започне во Ормускиот Теснец, Италија би можела да придонесе во операциите за деминирање и во безбедноста на комерцијалната пловидба.
Сепак, сметаме дека траен мир на Блискиот Исток не е можен без стабилност во Либан. Италијанската влада го поддржува дијалогот меѓу Израел и Бејрут со посредство на Соединетите Американски Држави и се понуди да биде домаќин на директни разговори меѓу страните. За време на мисијата во Либан минатиот април, на претседателот Жозеф Аун му ја потврдив италијанската поддршка за насоката која ќе го претвори сегашното примирје во вистински мировен процес.
Понатаму, Вашингтон и Брисел гледаат кон Рим како на сè поцентрален актер во зајакнувањето на државноста на Бејрут, тема што ја разгледав и за време на мојата неодамнешна средба во италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна трговија со министерот за надворешни работи на Либан.
Нашето внимание е на високо ниво и за безбедноста на нашите војници ангажирани во мисијата УНИФИЛ, во билатералната мисија МИБИЛ и во Воено – техничкиот комитет за Либан под италијанско водство. Паралелно, нема да престанеме да бараме заштита на христијанските заедници во земјата, по насилствата на екстремистичките израелски доселеници врз селата во јужен Либан, вклучително и оние со христијанско мнозинство.
Темата за насилството на екстремистичките израелски доселеници беше разгледана и во Брисел, каде што меѓу европските министри штотуку дадовме зелено светло за нови, строги санкции против нив. На истата седница одобривме дополнителни санкции против терористите на Хамас, чие разоружување останува апсолутен приоритет. Италија продолжува со внимание да ја следи ситуацијата во Газа и во Палестинските територии, одржувајќи активна улога во хуманитарната помош и во идната реконструкција, со цел да се дојде до две држави способни да живеат заедно во мир и безбедност.
Во оваа насока се вклопува и пристигнувањето во Италија, деновиве, на 72 палестински студенти добитници на стипендии на италијанските универзитети: инвестиција која ја сметаме за дел од формирањето на идната палестинска владејачка номенклатура.
(Авторот е потпретседател на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


