Истражување на Евротинк: Сервисните информации за личните документи МВР недоволно ги пласираше до јавноста

Фото: Васка М. Младеновска

Сервисните информации во изминатиот период Министерството за внатрешни работи требаше со поголем интензитет, со одредена динамика и одредена структура и во континуитет да ги пласира до граѓаните за да ги обноват личните документи, патните исправи-рече Александар Стојановски, истражувач и проектен координатор во Евротинк-Центарот за европски стратегии на денешниот регионален настан што се одржа во Битола.

Стојановски посочи дека како Центар за европски стратегии прават напори да се стават во преден план информациите со сервисен карактер.

-Овие сервисни информации во извесен период се обични или незначајни, но, од она што го видовме во текот на 2022 и 2023 година се недоволно пласирани информации кон јавноста поврзани со управните работи на МВР, со документите. Во нашите анализи категоризирани се процентуално колкав број на информации, од каква природа биле пласирани. Доминираат информации за сторени кривични дела, фатени престапници, има информации што се поврзани со превентивен план од страна на Министерството за внатрешни работи, но, сервисните информации како што се за личните документи, немаат зголемена зачестеност како што би требало да имаат со целиот процес и проблем што настана-вели Стојановски.

Тој како истражувач и координатор на проектот за отчетна и транспарентна полиција вели дека Евротинк веќе три години активно работи за отчетноста и транспарентноста на полицијата во Република Северна Македонија.

-Правиме еден сет на истражувачки алатки во континуитет, што треба да ни дадат слика како јавноста ја перципира работата на полицијата. И во тие истражувања ги гледаме аспектите на транспарентност, отчетност, професионалност, независност од партиски бизнис влијанија итн. Преку истражувањето на јавното мислење, какви се ставовите на граѓаните во врска со работата на полицијата, но, во исто време гледаме како работат институциите, МВР, надворешните механизми за контрола врз работата на полицијата преку јавно достапните информации за нивната работа-посочува Стојановски.

Од Центарот за европски стратегии Евротинк ги следат медиумите каков тип на информации пренесуваат, колку даваат критички осврт на информациите што полицијата ги лиферува кон јавноста.

-Во таа насока спроведовме мониторинг на работата на овие институции, но, и на медиумскиот дел во однос на тоа како се известувало по однос на прашањата што се лиферувани во јавноста. Тие информации се сублимирани во она што ние го нарекуваме основна процена на транспарентноста и отчетноста на работата на полицијата за 2022 година. Има голема промена во тоа колку информации од превентивна природа се пренесуваат од страна на МВР кон јавноста и како медиумите ги пренесуваат. Погледнавме десет медиуми што имаат алатка за пребарување. Се гледа дека медиумите пренесуваат информации поврзани со превентивната работа. Не изостануваат вестите од црната хроника, но, има некоја форма на синергија помеѓу луѓето кои работат на превенција и медиумите што ја разбираат важноста на овие информации-додава Стојановски.

Евротинк спроведува осум регионални настани каде што се обидуваат да обезбедат платформа за дијалог помеѓу полицијата, локалната самоуправа, медиумските работници, граѓанските организации и граѓаните.

-Во однос на довербата на граѓаните кон полицијата преку прашања до нив, гледаме каков е нивниот став во поглед на довербата кон институциите. Јавноста се сеќава кога судството доби доверба од 8 проценти, тоа беше податок што излезе од наше истражување на јавното мислење. Довербата не е лоша, не е нешто што изненадува. Полицијата е во првите четири институции со најголема доверба, заедно со АРМ, претседателот на државата, религиските заедници. Довербата може да се подобри и наша цел е да ги подобриме отчетноста и траснпарентоста, за индиректно да се влијае и во делот на довербата. Клучно за довербата е односот, професионалноста и присуството на полицијата. На последното истражување што го направивме минатиот месец, сè уште не е публикувано, 47 проценти од испитаниците сакаат почесто присуство на полицијата во нивните средини. Во минатото пожарникарската служба и бројката на застапеност на полицајците во микросредините, е нешто што денес не го гледаме. Денеска гледаме полиција што е тука, но, не остварува близок контакт со граѓаните, седи во возила, отстранува неправилности во сообраќајот, не е во доволен број присутна на јавните места каде што на луѓето им треба или да се чувствуваат безбедно. Поголемиот број од граѓаните бараат интеракција со полицијата како јавен сервис-информираше на денешниот настан во Битола, Александар Стојановски, истражувач и проектен координатор во Евротинк-Центарот за европски стратегии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот