Истражување: Антидепресивите предизвикуваат емоционално затапување

Фото: Пиксабеј

Антидепресивите, кои масовно се користат, предизвикуваат „емоционално затапување“, според новото научно истражување на Универзитетот во Кембриџ, пишува „Гардијан“.

Ова истражување нуди нови сознанија за тоа како лековите можат да дејствуваат и нивните можни нуспојави, покажувајќи дека здравите доброволци во студијата имале помала позитивна и негативна реакција откако три недели земале лекови, селективни инхибитори на преземање на серотонинот (С СРИ).

Помалата чувствителност на негативни емоции може да биде дел од начинот на кој овие лекови им помагаат на луѓето да се опорават од депресијата, но исто така, може да ги објасни вообичаените несакани ефекти, наведува „Гардијан“.

„На некој начин, можеби тоа е делумно начинот на кој тие дејствуваат. Тие одземаат дел од емоционалната болка што ја чувствуваат луѓето кои доживуваат депресија, но за жал, изгледа дека им одземаат и дел од уживањето“, вели еден од авторите на студијата, проф. Барбара Сахакин од Универзитетот во Кембриџ.

Наодите од студијата, објавени во списанието „Неуропсихофармаколоџи“ (Neuropsychopharmacology), би можеле да им помогнат на пациентите да се информираат и да направат подобар избор на лекови, рекла таа и додала дека „нема сомнеж дека антидепресивите се корисни“ за многу пациенти.

Според Националната здравствена служба на Англија (НХС), повеќе од 8,3 милиони пациенти биле лекувани со антидепресиви во текот 2021-2022 година, наведува британскиот весник.

С СРИ се меѓу најчесто користените и се ефикасни за повеќето, иако не за сите пациенти.

Некои луѓе што ги земаат овие лекови наведуваат дека „се чувствуваат емоционално рамнодушни“ или дека повеќе не уживаат во работите, а една студија покажа дека ова се однесува на 40-60 отсто од пациентите што го земаат лекот.

Меѓутоа, не е сосема јасно дали овој симптом е нуспојава од земањето на лекот или симптом на депресија, пренесува „Гардијан“.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот