Истражување: Оптимизмот во поглед на иднината и задоволството од животот се повисоки од загриженоста за КОВИД-19, најмладите најпесимистични

Оптимизмот во поглед на иднината, како и задоволството од животот, се повисоки од загриженоста за КОВИД-19, кај сите групи испитаници, во моментот на истражувањето. Мажите се пооптимистични и помалку загрижени од жените, додека, задоволството од животот го делат еднакво. Најмалку задоволни и најпесимистични се најмладите..

Ова се наведува во Истражувањето наЦентарот за психосоцијална и кризна акција (ЦПКА) – Малинска за животот во услови на пандемија на граѓаните на Северна Македонија од иницијалната фаза на соочување со пандемијата спроведено ред три месеци. Податоците се добиени на примерок од 2093 возрасни испитаници (18 +) кои се одѕвале на повикот за учество во истражувањето, спроведено по електронски пат

– Најзадоволни (73 отсто) и најоптимистични (75 проценти) во поглед на иднината се највозрасните, над 65 години, при што задоволството опаѓа со возраста, па најмалку задоволни (55 отсто) и најпесимистични во поглед на иднината (35 проценти) се најмладите, од 18 до 34 години, се посочува во истражувањето.

Истовремено, мнозинството испитаници се загрижени за економската ситуација во земјата, за ризиците по хронично болните и за капацитетот на институциите да се справат со кризата, додека најмалку ги загрижува сопственото психичко здравје и односите во семејството.

Во поглед на информираноста, 71 отсто од испитаниците следат содржини поврзани со пандемијата, при што најчесто се следат социјалните мрежи и интернет порталите, иако поврзаноста со нив е повеќе од забавен отколку од информативен карактер, бидејќи токму во нив испитаниците имаат и најмала доверба. Најголема доверба сепак имаат специјализираните здравствените портали, и обраќањата на Министерството за здравство (МЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Република Северна Македонија. 

Најретко, се посочува, се следат ТВ вестите, дебатните емисии и советодавните здравствени форуми. Мнозинството испитаници знаат за главните мерки и препораки на (само)заштита и изјавуваат дека редовно ги применуваат. Во поглед на емоционалното и менталното здравје, испитаниците реагираат многу повознемирено, одошто чувствуваат дека се под стрес. Сепак, на прашањето колку долго и тешко поминуваат низ стресни ситуации мнозинството ќе одговори дека минува многу тешко, за што е потврда и слабата психолошка отпорност кај секој втор испитаник од примерокот.

– Голем е опсегот на однесувања и активности на (само)помош што ги применуваат испитаниците во услови на КОВИД-19, од: хумор, активности во домаќинството, гледање ТВ серии и следење на состојбите со болеста, потоа читање книги, креативни активности и секс, до уживање во алкохолот, религиските обреди, и лековите за смирување. Социјалната поддршка, особено од семејството, но и од пријателите, е една од најсилните потпорни точки во справување со кризата, што во услови на изолација како последица на пандемијата ги сместува осамените испитаници меѓу најризичните групи, стои во наодите.

Во заклучокот се наведува дека добрата и сеопфатна информираност, степенот на образование, социјалниот и економскиот статус на испитаниците и нивната вклученост во промените, пред сe во сопствениот живот, како и поврзаноста со колективот, се клучот на успехот во справување со кризи од вакви размери каква што е пандемијата со КОВИД-19.

Примерокот од кој се извлечени овие заклучоци можеби не е референтен за мнозинството граѓани од Македонија, но ја покажува насоката во која со сигурност може да се тргне во планирањето на помошта и поддршката на сите останати, поранливи и потешко погодени слоеви од населението, наведуваат од Центарот за психосоцијална и кризна акција (ЦПКА) – Малинска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот