Истражувачите потврдија: Една вежба може да ви помогне за подобар сон и меморија

Фото: Pexels / Elina Fairytale

Една древна форма на вежбање научно е докажано дека го подобрува квалитетот на спиењето, меморијата и спознанието, пишува „Њусвик“.

Користејќи модерна технологија, истражувачите од Медицинскиот колеџ на воените сили во Индија, ги проучуваа ефектите од практиката на јога-нидра врз низа когнитивни параметри и параметрите за спиење. Добиените резултати беа објавени во научното списание „Плос уан“.

За разлика од поактивните форми на јога, кои се фокусираат на контрола на мускулите, дишењето и физичко држење, јога-нидра вклучува влегување во состојба на свесна релаксација – понекогаш опишана како состојба помеѓу будењето и спиењето – изведена додека лежите мирно.

„Практиката на јога-нидра е моќна техника ако правилно се практикува“, вели водечкиот автор на студијата Каруна Дата.

За објективно да ги тестираат овие ефекти, Каруна и колегите ангажирале 41 волонтери во одлична здравствена состојба, кои биле нови во практикувањето на јога-нидра и ги подложиле на серија когнитивни тестови и анализи на спиење.

„Студијата покажа побрза обработка на мозокот и точност, исто така, подобрување на ноќниот сон, по само две недели вежбање јога-нидра. Субјективно, забележано е подобрување и во времетраењето на спиењето и во квалитетот на сонот. Објективно, по анализата на ноќното истражување, беше откриено дека практиката на јога-нидра по четири недели покажала подобрување во ефикасноста на сонот. Исто така, беше намалено времетраењето на будење за време на предвиденото време за спиење. Интересно откритие беше подобрувањето на квалитетот на длабок сон што беше мерено со процентот на делта-сон“, рече Дата.

Делта-сонот, исто така познат како спиење со бавни бранови, е најдлабокото ниво на сон и е критично за реставрација и закрепнување на телото.

„Делта-бранот помага во квалитетот на сонот, така што ова може да биде причина за субјективно подобрување на спиењето од страна на учесниците“, додаде истражувачката.

Во однос на познанието, сите учесници покажаа подобрувања во времето на реакција додека одржуваа висока точност по двете недели.

„Специфичните тестови кои покажаа подобрување во точноста беа поврзани со повисоката мозочна функција на апстракција, формирање концепт, задачи за учење и меморија, а понатамошната анализа покажа подобро препознавање на дразбите на гневот и стравот“, рече Дата.

Студијата ја нагласува можната улога на оваа вежба во подобрувањето на спиењето и во промовирањето на учењето и меморијата кај здравите учесници.

Дава надеж за превенција на состојбите кај пациенти со мала попреченост во учењето и влошување на когнитивноста, особено кај повозрасното население.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот