Историчарот Ѓоргиев не поднел оставка од Мешовитата комисија туку доби отказ?

проф. Ванчо Ѓоргиев / Фото: МИА

Министерот за надворешни работи Бујар Османи одлучи да се прекине договорот со професорот Ванчо Ѓоргиев, кој беше член на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања и кој пред две недели најави оставка од Комисијата, како што напиша, поради директни мешања на висок функционер од МНР во работата на Комисијата. Министерот Османи тогаш најави истрага во врска со обвинувањата на Ѓоргиев, а откако се покажале како неосновани, одлучил да го смени.

– Професорот не ја поднесе формално оставката, но јас донесов одлука да се прекине договорот, бидејќи тој дозволи меѓу два изборни круга политиката да влезе и сериозно да ја компромитира Комисијата. Посебно што аргумент ни е ставот на другите членови, кои едногласно кажуваат дека никогаш немало притисоци од Владата или од МНР и дека се изненадени од таквиот став. Имајќи го предвид периодот на оставката, јасно е дека е политички компромитиран процесот во неговиот случај и тој договор треба да се прекине и да се најде нов член. Јас очекувам самата комисија да ми предложи нов член, тие ги знаат експертите, знаат од која област им фали, а јас потоа да го предложам до Владата – вели министерот Османи за „Слободен печат“.

Поради отворени обиди за политичко влијание: Ванчо Ѓорѓиев поднесе оставка од Мешовитата комисија

Во врска со критиките дека Комисијата не постигнува резултати во својата работа, Османи вели дека политичарите од двете држави може да интервенираат во динамиката на средбите, но не и во содржината на разговорите.

Комисијата е инструмент што произлегува од Договорот за добрососедство и има улога да го спроведе. Таа е инструмент на државата, која ја финансира и ѝ обезбедува логистички предуслови за да функционира. Така што, за целите и за динамиката секако дека ние сме одговорни и ние се обидуваме да наметнеме динамика. Но, но не во однос на содржината. Не сме компетентни, не можеме и не знаеме да влеземе во историската дебата и тоа никогаш и не сме го направиле. Но, за динамиката има едно погрешно сфаќање во Комисијата дека тие се независни и за тоа колку пати треба да се сретнат и други прашања околу формата и слично – вели Османи.

За деталите околу работата на Комисијата, за протоколите околу тоа како двете држави ќе ги спроведат усогласените одлуки на Комисијата кога тие ќе се донесат, на кој начин ќе се менуваат содржините во учебниците и слично, требаше да се разговара на втора меѓувладина седница меѓу Македонија и Бугарија, која според Договорот за добрососедство треба да се одржува еднаш годишно, но таа досега не се одржа.

– За жал, Бугарија и покрај сите наши обиди и напори, сè уште не прифати одржување на втората меѓувладина седница. Долгиот предизборен период таму како и техничката влада, се разбира дека придонесоа за тоа. А тоа е добра платформа каде што би се дефинирале некои правила на игра – вели министерот Османи.

Кандидатот Панов во „посета на добра волја“ во Скопје

Независниот кандидат за претседател на Бугарија, предложен од иницијативата „Правда за секого“ и поддржан од Демократска Бугарија, Лозан Панов, наредните денови ќе го посети Скопје.

Панов за МИА изјави дека неможноста да се постигнат компромиси, кои се од заеднички интерес, ги ставија односите меѓу Бугарија и Македонија во ќор-сокак. Тој смета дека со преговори и договори може да донесе до приближување на позициите меѓу двете земји, но, како што вели, „емотивната поврзаност сама по себе е товар во решавањето на заедничките прашања“.

– Додека Бугарија и Република Северна Македонија се расправаат за својата историја, трета страна им ја одзема можноста да градат заедничка иднина, а во случајов важи изреката „двајца се караат, третиот користи“. Разговорите меѓу двете земји пред сè треба да се засноваат на добра волја – вели Панов.

Според него, многу е важно да се осуди и да се сузбие говорот на омраза, затоа што „говорот на омраза го насочува нашиот балкански темперамент во погрешна насока“.

Лозан Панов е истакнат судија, отворен критичар на состојбите во судството во Бугарија, прв човек на Вишиот касационен суд, а претходно и на Управниот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот