Поради отворени обиди за политичко влијание: Ванчо Ѓорѓиев поднесе оставка од Мешовитата комисија

проф. Ванчо Ѓоргиев / Фото: МИА

Членот на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, Ванчо Ѓорѓиев, вчера поднесе оставка од членството во Комисијата поради, како што наведе во соопштение, силен политички притисок од Министерството за надворешни работи и затоа што без негова согласност е прифатена промена на учебникот по историја во делот за цар Самоил.

Ѓорѓиев ги охрабрува колегите да не ја „виткаат кичмата“

„Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата што кулминираше во текот на првиот работен ден (21.10.2021 година) на 15-тата редовна средба преку директно мешање во стручната работа од висок функционер во МНР. При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално одлучување. Изготвените предлог-идеи од македонскиот дел од Комисијата за препораки за македонските учебници за седмо одделение, се без моја согласност. Демонстрираните ставови од другите членови, не само што се во спротивност со Резолуцијата на македонското Собрание со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси. Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја виткаат ‘кичмата’“, наведува Ѓорѓиев во соопштението.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера рече дека никогаш не се мешале во работата на Комисијата, ниту правеле притисок, а темата на првиот ден од состанокот е цар Самоил и неговото присуство во учебниците.

– Еден член се повлече од Комисијата, но таа продолжува со работа, има уште 6 члена – рече Османи.

Политизирањето да се сведе на нула

Мешовитата македонско-бугарска комисија вчера и завчера го одржа 15-тиот состанок, што е четвртиот од предвидените пет состаноци за 2021 година. На претходната средба тема на дискусија беа учебниците по историја и усогласување на препораките за да се подобри историското образование. Македонскиот тим соопшти дека нивните предлози за толкувања за минатото биле одбиени како неприфатливи за бугарскиот тим, кој го гледа овој процес како можност да го наметне својот поглед за минатото во друга држава и образовен систем.

– Неприфатливо е политиката да ги решава историските спорови или историчарите да ги решаваат политичките спорови. Нашата цел е да се дадат препораки што во учебниците апсолутно ќе ги сведат на нула митологизирањето и политизирањето на одредени личности, кои потоа се користат во дневнополитички цели – изјави во друга пригода Драги Ѓорѓиев, копретседател на Мешовитата комисија.

Претходно, премиерот Зоран Заев најави дека ќе се брише зборот „бугарски“ од напишаното „бугарски фашистички окупатор“ на спомениците и во учебниците, но граѓаните, професорите и историчарите реагираа дека таква промена би значела фалсификување на минатото, аргументирајќи дека во Европа и во светот такви интервенции не се правени, и покрај развивањето на „духот на пријателството“, во чие име Заев ги најави корекциите. Во бурата од реакции беше поставено и прашањето дали и Бугарија ќе избрише од нејзините учебници дека Македонија е бугарска земја.

Арсовски: Дијалогот со Бугарија да се одвои од преговорите за членство во ЕУ

Дијалогот со Бугарија може да потрае и затоа преговорите за членство во Европската Унија треба да се одвојат од тој процес и да почнат час поскоро, сметаат експерти.

– Останува оптимизмот дека одредени прашања што беа наметнати од Бугарија ќе се настојува да бидат одвоено разгледувани и да започне стартот. Новиот состанок на историската комисија дава надеж дека може да постои дијалог, кој можеби ќе трае и подолго, и затоа почетокот на преговорите треба да одвива одделно – изјави поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски за „Слободен печат“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот