Искрено со Лара Иванова: Среќни сме со Александар, иако тој живее во Словенија, љубовта ни е силна

Фото: Приватна архива

Младата пејачка Лара Иванова неодамна сними дуетска песна во диско ритам. Песната за кратко стана хит и има илјадници прегледи на Јутјуб.

Сепак, публиката веројатно најбурно реагираше на хитот „Бела“, кој Лара го отпеа со Пајак на „Макфест“. Оттогаш, вели таа, тинејџерите и децата ја препознаваат на улица, ја застануваат и бараат селфи, сѐ повеќе ја живее популарноста.

Со Лара зборуваме на повеќе теми, за љубовта со Александар, за студиите на балетска педагогија, за популарноста и уште многу други во интервјуто за „Слободен печат“.

Новата песна што ја сними во диско ритам со Јосиф Ристовски за кратко време има илјадници прегледи. Очекуваше ли толку позитивни реакции?

– Песната излезе многу спонтано. Работевме во студио и по две-три демо снимки ја направивме „Сите светла“. Јас сум презадоволна од оваа соработка. Коментарите од публиката се позитивни и тоа многу ме радува. Јосиф е доста флексибилен за работа и многу е креативен, така што беше задоволство да се соработува со него.

Сепак, дуетот со Пајак беше вистинско освежување на домашната сцена. Како почна оваа приказна и очекуваше ли дека песната ќе биде толку голем хит? Комуницирате ли и сега приватно со Пајак?

– Кога ме поканија да настапам на „Макфест“, дознав дека и Пајак ќе настапува, па контактирав со него и го прашав дали сака да настапиме во дует. Тој веднаш се согласи. Кога ја снимивме „Бела“, ни се допадна на двајцата, но никогаш не помисливме дека ќе стане толку голем хит. Но, секако, пресреќни сме поради тоа. Како некое непишано правило е дека кога не се надеваш, песната станува хит. Со Пајак секако дека и денес комуницираме, бидејќи имаме многу заеднички настапи, а можеби во иднина повторно ќе снимиме некој интересен дует.

Лара Иванова и Јосиф Ристовски / Фото: Приватна архива

Миленичка на тинејџерките, но и на оние помалите. Те застануваат ли на улица, викаат по тебе, бараат селфи…

– Многу ме радува фактот дека моите песни ги слуша и повозрасната, но и помладата публика. По успехот на „Бела“ навистина сѐ почесто ме застануваат на улица и сакаат да се фотографираме, особено децата, што ми е особено драго. Јас сум пресреќна кога ќе ги видам насмевките на нивните лица.

Те промени ли популарноста?

– По тоа што луѓето почнаа да ме препознаваат, може да се каже дека сум популарна, но тоа никако не може да ме промени. Секогаш останувам приземна. И сигурна сум дека така ќе биде и понатаму.

Фото: Приватна архива

Кој ти помага во изборот на облеката на настапите?

– За мојот стил главно се грижам сама, но по потреба соработувам и со стилисти, кои се грижат за мојот изглед при снимањето на спотовите и настапите. Засега мислам дека добро ни оди во изборот на облеката.

Студентка си по балетска педагогија… Како е на студии и од каде желбата за овој факултет?

– Со балет и со музика се занимавам уште од најрана возраст. Завршив основно балетско и музичко образование, како и средно балетско образование. Логично беше да продолжам во оваа насока и сега сум студентка во прва година на катедрата за балетска педагогија (класичен балет) на факултетот за музичка уметност. Исполната сум и среќна затоа што го студирам она што го сакам и за кое отсекогаш имав желба.

Лара Иванова со момчето Александар / Фото: Приватна архива

Успеваш ли и да учиш и да настапуваш без едното да влијае врз другото?

– И покрај многубројните обврски што ги имам, секогаш се трудам да направам добар план и да најдам време и за учење и за настапи. Засега добро ги надополнувам и двете работи, а за понатаму ќе видиме, се надевам дека нема да потфрлам.

Знам дека имаш момче подолго време, но како ја одржувате врската, со оглед на тоа што тој студира во Словенија?

– Да, имам момче веќе подолго време. Александар е виолинист и студира во Љубљана, но и покрај далечината, одлично функционираме и секако сме си поддршка еден на друг во сѐ што работиме.

Кои се идните планови, настапи….

– Во моментот работам на многу нови проекти, што значи дека наскоро ќе има нови песни, а секако продолжувам и со настапите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот