Искрено со Кристина Димитри: Новиот партнер го чекав цел живот, себично ме чува само за себе

Фото: Приватна архива

Манекенката и пејачка Кристина Димитриевска, позната како Кристина Димитри, има нова љубов. Вели дека е среќна што конечно во животот нашла некој за кој може да каже дека е нејзина посилна половина. Иако сè уште не сака да го открие името на своето момче, вели дека не ја крие љубовната приказна со него, која почнала во Белград, Србија. За својот партнер вели: „Ме буди со кафе, често знае да ме изненади со цвеќе и ме чува само за себе“.

Во разговорот за „Слободен печат“, со Кристина Димитри зборуваме за новата љубов, за предизвиците да се биде самохрана мајка, за поранешниот сопруг што не се јавува да си го види синот, за убавината и за уште многу други теми.

Неодамна објави фотографии со новото момче. Не криеш дека си вљубена. Дали си среќна?

– Јас сум во јавноста од моите 15 години, но сега првпат објавувам фотографии со мојата посилна половина. Можеби бидејќи првпат имам посилна половина. Овој пат сум навистина среќна.
Нашата љубовна приказна започна во Белград, а една жена кога е сакана на начин на кој тој ме сака, можам само да кажам дека е личноста што ја чекав цел живот. И сè уште не сакам да го откривам неговото име, барем засега нека остане така.

Како почна љубовта? И како ја одржувате љубовната врска со оглед на тоа што е од Србија?

– Да бидам искрена, нашата љубовна врска почна во истата секунда кога се запознавме. Ми кажа: „Ти си таа, тоа е тоа“. Оттогаш не сме се разделиле, заедно сме секогаш и секаде, а јас сум навистина среќна. Нема да кријам и со радост велам – мојот партнер искрено ме сака и ме чува себично само за себе. Но, кога е во прашање работата, нормално дека ме поддржува и секогаш е покрај мене.

Фото: Приватна архива

Синот Давид неодамна имаше роденденска прослава. Каква забава му приреди овој пат?

– Мојот син Давид ми е најголемото богатство во мојот живот. Да, пред некој ден славеше роденден и си поминавме најубаво на свет. Дојде и мојот партнер, кој ми донесе најубав букет со цвеќе.
Јас, брат ми, мајка ми и татко ми секогаш му приредуваме забави на Давид по негова желба. Овој пат беше видеоиграта Мајнкрафт, а Давид беше пресреќен.

Како успеваш да се снајдеш помеѓу мајчинството и кариерата?

– Ова што го работам ми дозволува да сум со него многу повеќе отколку други родители со секојдневна работа. Па, јас сум со Давид цела недела, а само преку викенд настапувам. Успевам меѓу мајчинството и кариерата бидејќи имам мајка кралица, брат како најголема поддршка и татко со разбирање.

Фото: Приватна архива

По разделбата со поранешниот сопруг, често знаеше да кажеш дека ти си и мајка и татко на синот. Се гледа ли Давид со татко му?

– Сè што е дел од моето минато, би го оставила таму некаде далеку. Со причина се нарекува минато. Но, да, така е. Јас сум и мајка и татко на Давид. Потенцирам дека биолошкиот татко не го гледа Давид, ниту пак се јавува. И тука некаде би ставила крај на оваа тема.

Тој објави дека има уште едно дете од сегашната негова жена. Се запозна ли Давид со неговиот полубрат?

– Давид има еден брат, а тоа е мојот брат, кој му е единствена машка фигура од самиот ден откако се роди Давид.

Фото: Приватна архива

Важиш за убава и атрактивна жена. Го сметаш ли тоа за предност во градењето на кариерата?

– Убавината често знае да е проклетство. Но, често и една насмевка отвора многу врати. Тешко е да се носиш со „напади” од луѓе што сакаат да те присвојат, не можат да разделат работа и емоции. Но, секогаш постојат и професионални луѓе. Важно е да држиш до себе.

Неретко знаеш да објавиш провокативни фотографии. Дали се соочуваш со невкусни коментари и колку те погодуваат?

– По пандемијата на коронавирусот, јас бев прва што почна да пее и смело „скокнавме во ладна вода“. Јас бев ангажирана секој викенд и баш тоа беше осудувано – мојата провокативна облека и српските песни што ги пеев. По некое време почнав да го гледам својот начин на секси облекување кај други поп-пејачки што почнаа да пеат турбо-фолк. Така што, луѓето се такви – прво осудуваат, а потоа преземаат идеи. А лоши коментари… тоа секогаш ќе постои.

Фото: Приватна архива

Дали имаш поддршка од твоите родители? Што наследи од нив и дали си строга мајка?

– Секогаш сум имала поддршка од моите родители, а од нив наследив вистински животни вредности. Јас, пак, не сум строга мајка, но бидејќи имам улога и на татко, некогаш мора да сум строга.

Манекенство или музичка кариера? Кои се твоите идни планови?

– Манекенството ми е остварен сон – првата круна на 15 години, а потоа и ревии за светски брендови, фотосесии, балкански и светски титули.
Музиката е, сепак, љубов и инспирација на која ѝ нема крај. Деновиве ќе одам во Белград, каде што треба да завршам еден видеозапис со „Снек медија“. Песната е дело на големиот Дарко Димитров. Што се однесува до настапите, ќе има новитети и за нив.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот