Искрено со Коки Јанков: На улица луѓето уште ме викаат Дуле, ни останаа недоречени нешта

Фото: Ива/Дарио Јанковиќ

Голема одговорност на 15 септември е пред Никола Јанков – Коки. Десет години по загубата на својот другар, тој ќе организира концерт на местото каде што започнале да свират, во Домот на млади во Штип.

На 23 септември навршуваат точно десет години откако од канцер почина Душан Љубисављевиќ – Дуле, гитара и вокал од дуото Дуле и Коки. Штипјанецот со големо срце им беше другар на многумина, беше омилен кај народот поради својата едноставност, широка насмевка и топлина во изведбата. Дуле и Коки останаа феномен до ден-денес, со нив израснаа многу генерации, нивните песни уште се слушаат.

Голема одговорност на 15 септември е пред Никола Јанков – Коки. Десет години по загубата на својот другар, тој ќе организира концерт на местото каде што започнале да свират, во Домот на млади во Штип и ќе ги испее песните што некогаш ги пееше Дуле. Нема ден Коки да не помисли на Дуле и вели дека тие биле многу различни, но секогаш биле едно. Со многу емоции, виолинистот Јанков, кој е професор во основното музичко училиште во Штип, се сеќава на својата втора половина, гитарата, која секогаш живее во неговото срце.

Првично, идејата беше дека концертот ќе се одржи во Скопје, од која причина се предомисли да го направиш на свој терен, во Штип?

– Дом на млади во Штип е место од каде што започнавме со Дуле. Место со посебно значење и место со посебна енергија. Првиот контакт со рокенролот ни беше таму. Првите излегувања, првите љубови, првите концерти ги гледавме таму. Бевме среќни деца. Сега е реновирано, изгледа како амфитеатар од 21 век.

Кога размислив, не можев да го скокнам родниот град. Морав од тука, повторно. Добро е кога си дома. Салата „Борис Трајковски“ е слободна дури во декември, мене ми требаше месец септември. Билетите се пуштени во продажба. Цената е 300 денари, 400 денари на влез на самиот ден. Билетите се продаваат онлајн на tickets.domnamladi.mk/, во Тобако ХИТ (центар) Тобако Тоби (Сењак) во Штип.

Што те врзува за Домот на млади, какви спомени со Дуле носиш од ова место, свиревте ли тука, „бркавте“ ли девојки?

– Имавме бенд. Се викаше „Александрија“. Благодарение на Бошко Симоновски, кој ја водеше таа институција, имавме привилегија да настапуваме во Домот на млади. Можевме да се почувствуваме баш, баш привилегирани. Инспирирани од „Мизар“, „Клержо“, „Падот на Византија“, „Анастасија“, посебни моменти. Е, таму пробувавме, имаше услови, а ние деца, немавме ни кабли, не пак, инструменти – која школа беше тоа. Кога ќе дојдеше некој бенд, паѓавме во несвест.

А, настапувавме и на „Рок фест“ во МКЦ во Скопје, двапати, авто-стоп, и немавме гајле, па спиевме во стара чаршија или кај некој ако нѐ „собереше“ да не сме на улица. Нѐ чувал Господ.

Дуле и Коки / Фото: Ива

Има ли ден да не се сетиш на Дуле сите овие десет години, на што најчесто мислиш кога ќе ти се појави неговиот лик пред очи?

– Ме следат многу работи, секојдневно. Нема ден да не помислам и да не се сетам на нешто. Дуле беше Коки, Коки беше Дуле. Различни, а исти.

Ден-денес кога поминувам некаде, некој ќе викне по мене: „Дулеее! Немам проблем со тоа. Важно е дека сѐ уште постоиме. Луѓето ги засакаа песните. Дуле отпеа и запиша историја.

Жалиш ли за нешто што не сте направиле заедно, има ли некој аманет што ти останал од него, а допрва треба да се исполни?

– Некои работи не се до нас, а некои работи буквално зависат од нас. Склони сме на правење грешки. Не сѐ што лета се јаде, викаат. Требаше да закочиме малку, времето беше на наша страна, но не сите битки се добиваат на јуриш. Останаа недоправени и недоречени нешта. Доцна сфатив дека тоа што е за Бог, дај му го нему, тоа што е за народот, дај го на народот. Ни Дуле не го разбра тоа.

Дуле / Фото: Ива

Кој беше феноменот на Дуле и Коки што уште трае?

– Бевме многу интересни. Едноставни. Само со една гитара и една виолина се полнеа дискотеки со 2.000 луѓе и повеќе. Бевме со искрен пристап кон публиката и кон музиката. Бевме достапни. Одевме секаде каде што ќе нѐ викнеа. Нѐ следеа многу генерации. Луѓето уживаа, и ние. Подоцна ни се придружи Мацко, со сајзер. На пример: ќе ни побараа некоја песна на свирка, а не ја знаеме… следната свирка им ја свиревме. Таа песна, зборувам за не толку позната песна, стануваше хит. Тоа друштво беше презадоволно, за отпосле на радио (зошто следевме, нели, сè), ќе ја „утепаат“ од пуштање. Чудно. За подоцна нашите песни „Марама“, „Колку треба да се плати“, „Виолина и гитара“, „Мене место не ме фаќа“ да направат да имаме свое, наше и да останат тие песни, благодарение на публиката што нѐ слушаше. Ви благодарам од душа.

Ќе има ли гости на концертот и што мислиш, ако Дуле би можел да гледа од страна, што би ти рекол во овој период?

– Концептот на концертот го имам од лани. На сцена ќе бидеме 9 луѓе. Гости, не можам сега да откријам. Знам дека е голем одѕивот и многу луѓе се најавија. Ќе биде посебна вечер, а и за мене. Моменталните настапи низ Македонија ги сведов на минимум. Ми треба мир, ми треба сила за да ја истерам вечерта на 15 септември. Со емоциите ќе се справуваме на самиот концерт. Ќе биде сѐ во ред.

Коки / Фото: Дарио Јанковиќ

Која беше најсилната и најслабата страна на Дуле, а кои на Коки и што мислиш, што ве одржа заедно толку години?

– Минус и плус, и обратно. Дуле беше посебен. Добар за сите. Го сакаа. Се надополнувавме. Кај што требаше, конците ги држев јас, кај што требаше, тој. Две глави, а војска. Стоевме мирно еден пред друг. Сега стојам мирно пред публиката. Се гледаме на 15 септември од 20:30 часот во Домот на млади во Штип. А за декември, ќе му ја мислиме. Ако даде Бог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот