Искрено со Ива Спасовска: Прадедо ми шиел за генерали и команданти, а јас од дете растев меѓу кројачи и шнајдери

Фото: Приватна архива

Ива Спасовска важи за една од нашите најталентирани млади модни дизајнерки. Оние кои ја следат модна сцена, сѐ уште се сеќаваат на нејзиното минатогодишно шоу, кога 650 гости дојдоа да ја видат новата колекција на Спасовска.

И не случајно се занимава со моден дизајн, затоа четири генерации од дизајн оти тоа е четири генерации од нејзиното семејство се занимаваат со оваа работа.

Во интервјуто за „Слободен печат“, со Спасовска поразговаравме за нејзините почетоци, љубовта кон модата, стилот и предизвиците.

Пред неколку дена славеше роденден. Освен што се менуваме од година во година, дали созревањето те прави посигурна?

– Среќна сум што поседувам капацитет на менување. Камелеон и феникс се моето средно име, а тоа значи развиток и созревање. Секако дека ме прави посигурна бидејќи секоја година сѐ повеќе и повеќе знам која сум и што сакам.

Сепак, како и секоја девојка или жена, дали те плашат годините?

– Годините не ме плашат во никој случај. Напротив, тие ме радуваат затоа што детскиот дух себично го чувам и нема да дозволам никој да ми го одземе. Јас знам дека и на 94 години ќе бидам млада, луда и модерна.

Која е привилејата да можеш секогаш да се дотераш најубаво?

– Искрено, секогаш им давам предност на моите клиентки. Па, ако има време за мене, тогаш си изработувам креации, што можеби и не е баш најпогодно лично за мене, но е најпрофесионално. Како и да е, прекрасно е кога доаѓа момент за специјални креации и кога не морам да се обратам на никој друг освен на самата себеси. Сама можам да си го остварам сонот, кога и да посакам.

Фото: Приватна архива

Која е твојата омилена комбинација?

– Понекогаш сум дама, а понекогаш сум мангупка. Тоа не може да се дефинира кај мене и си се сакам себеси што сум таква. Немам дефиниција, но секогаш имам стил.

Минатата година, во фокус беше твојата модна ревија на која имаше над 650 гости. Очекуваше ли толку внимание и дали се исплати да се организира еден ваков моден настан?

– Имам долго искуство во оддржување на мои настани, па затоа и очекував толкава посетеност,0 овој пат со многу квалитетни гости што ми ја наполни душата и ми докажа дека чекорам по високи патеки, барем на нашиве простори. Што се однесува до вниманието, тоа не може да се покани, ниту купи. Тоа оди по природен пат и е огледало на целокупната работа и имиџ кој се гради цел живот. А, дали се исплати? Па.. мислам дека да.

Како почна твојата модна приказна?

– Уште од најмала возраст бев со материјали. Од прадедо ми што бил главен шнајдер за генерали и команданти, до дедо ми што основал конфекција, па се до татко ми и мајка ми кои ја продолжија уште 30 години сами. Па, јас и брат ми, откако знам за себе, живеевме со шивачки, кројачки и материјали. Можам да препишам на кармата, судбината, ама и љубовта и вроденото чувство за допир, око и естетика, пред сѐ.

Фото: Приватна архива

Кое ти е првото дизајнерско парче и дали го чуваш?

– Корсетот е моето прво парче кое го дизајнирав. Иако сакав да биде само мој, уште веднаш одеше како на „лицитација“. Девојки ме молеа да ги купат моите први креации, што мене ми беше мотивација хобито да ми прерасне во бизнис.

Во твоите колекции има и сексапил и смели комбинации. Дали има порака која сакаш да ја испратиш?

– Секако дека има – секоја жена заслужува да биде привлечна, самоуверена и своја. Преку моите креации, јас успевам да им ги кренам главите на сите женски битија и им ја враќам силата што и тие самите ја имат во себе, но некој се обидел да им ја одземе. Тоа е неприфатливо кај мене, кај нас, жените, живее моќта на смелоста.

Дали Македонките се доволно модерни? И дали по секоја цена треба да се следат трендовите?

– Јас живеам од и со модата, но не секогаш и со трендовите. Така што, во никој случај не им ставам акцент – тие се кратки и плитки, а стилот е длабок и безвременски. Затоа целам да го пронајдам оној личен печат кај секоја жена, а потоа и да го истакнам. Македонките се модерни жени, дури многу повеќе од некои други жени од други делови во светот. Тоа можам да го тврдам затоа што сум била на многу места и сум видела многу.

Фото: Приватна архива

Освен модата, има ли уште нешто што не знаеме за тебе? Дали го сакаш спортот, дали имаш хоби или некоја скриена страст?

– Хахаха, јас сум комплексна личност, која најмногу го пласира она од кое, во моментов, живее – модата. Инаку, како креативец и логичар со повеќе капацитети (кои ги имам тестирано кај психолози, скенери и компјутери), ме влечат речиси сите уметности – пеење, глума, но и стратегиски и детективски професии.

Колку соработуваш со македонските јавни личности и какви се твоите искуства со нив?

– Сум соработувала со речиси сите наши естрадни уметници, јавни личности и инфлуенсери. Благодарение на тоа, сега точно знам со кого да продолжам, а секако сум отворена и за нови соработки, без кои брендот не може да сјае под ист интензитет како што сјае. Во принцип, јас сум задоволна од секоја соработка.

Дали излегуваш често и каква музика сакаш? Која песна ја нарачуваш во кафеана и дали си тип што ужива во таква дружба?

– Излегувам само ако ми одговара друштвото и локалот. Порано тоа беше многу често и не прибирав, а сега како созревам, така мојот круг се стеснува и сакам тоа да биде во приватно друштво каде дозволува квалитетен муабет со квалитетни соговорници. Инаку слушам сѐ што е добро за моето уво, а во последно време и тоа се истенчи.

Кога сум во кафеана, претпочитам староградски песни, но не и турбофолк. Ако ме допре изведувачот и амбиентот знам да нарачам нешто од нивниот репертоар. Како што кажав и на почетокот, јас сум доста прилагодлива личност, но до одредени граници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот