Исчезна голем глечер во САД, таму бил илјадници години

Научник кој ја следи состојбата на глечерот Хинман лоциран во американската сојузна држава Вашингтон помеѓу врвовите на планината Рение и глечерот Пик, вели дека тој целосно исчезнал откако бил таму илјадници години, а галопирачките климатски промени му го нанеле последниот удар.
Експертите неодамна открија дека до крајот на векот може да се изгубат до половина од глечерите во светот, дури и ако се исполнети глобалните климатски цели. Маури Пелто од колеџот Николс за „Си-Ен-Ен“ изјави дека ја посетува и набљудува планината Хинман веќе 40 години. Кога ја посетил областа со својот тим во 2022 година, видел дека глечерот целосно исчезнал.
„Целосно исчезна. Ова беше најголемиот глечер во овој дел од планинскиот венец – сега го нема“, рече Пелто.
Експертот за животна средина Дејвид Шин од Универзитетот во Вашингтон вели дека за време на повлекувањето на глечерите, може да се формираат помали површини мраз во вдлабнатини кои се помалку чувствителни на екстремни температури. Но, овие ледени површини често се премногу тенки за да се лизгаат надолу, што е важен критериум за класификација на ледената маса како глечер.
Шин истакна дека сè уште има малку мраз во вдлабнатините во областа, но дека тој повеќе не е глечер и дека и тој може да исчезне во следните десет години. Иако глациолозите не ја знаат точната старост на глечерот Хинман, Пелто нашол докази дека тој бил таму пред ерупцијата на планината Мазама или дека постои повеќе од 7.000 години.
„Сè уште има надеж. За да може глечерот да се формира и да се одржи, потребна му е поголема просечна акумулација на снежни врнежи. Во тој случај, тој би можел да закрепне“, рече Пелто.