Интимен портрет на еден од најубавите градови во светот

Црно-бели фотографии со заеднички наслов „Прага интима“ на македонскиот автор Влатко Деков се поставени на изложбата во просторот на НЛБ Галерија. Во својот кус опис за изложбата авторот кажа: „Постојат места каде што времето е застанато, а со него и приказните за луѓето што живееле таму. Во тие места се заљубуваме, нѐ маѓепсуваат и нѐ цртаат како ликови во нивните приказни, кои потоа ги раскажуваме. Прага интима е визуелна приказна за едно такво место. Личен, интимен портрет на еден од најубавите градови и магични места во светот, Прага“.

Проектот е работен две години, период во кој авторот ја посетува Прага повеќепати, живее и ја фотографира во текот на летниот и во зимскиот период. Изложбата содржи 34 црно-бели фотографии, а воедно е објавена и фото-книга со истоимен наслов. Книгата е во издание на издавачката куќа „Или-или“.

– Авторот на оваа прекрасна изложба создава автентична поетика на својот визуелен израз и нѐ „заробува“ во убавината на деталите на прекрасната Прага. Црно-белиот шарм на фотографиите е оној додатен шлагворт врз целата концепција, бидејќи само во црно-белото можете да ги замислите и да ги видите сите бои на светот. А што претставува светот доколку заборавиме на фантазијата!? – загатна Игор Анѓелков од „Или-или“. Изложбата „Прага интима“ од Влатко Деков ќе биде отворена до 17 февруари оваа година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 17, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 февруари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот