Фото: Приватна архива

ИНТЕРВЈУ | Златко Јовановски: Јас сум совршен маж, ми фали само уште малку погуста коса и пет милиони евра

Златко Јовановски – ЈЗЈ од Тетово е моден дизајнер, креира за некои од најголемите светски и регионални ѕвезди. За себе вели дека е кралот на светкавото и вистинска дизајнерска ѕвезда.
И ако од дете ги уништувал чаршафите по дома кога му требало материјал за шиење, денес е врвен дизајнер, кој ја облече и Ава Макс, Талија, а неговото име досега го имаше во сите светски магазини.

Фото: Приватна архива

Мексиканската ѕвезда Талија носеше твој дизајн и со македонски корсет пееше токму на концертот на поп-кралицата Мадона?

– Точно! На мое огромно задоволство Талија повторно носи моја креација. Овој пат тоа е златен корсет опшиен со огледални и кожени траки и потоа украсен со монистри и стакла. На сето тоа дополнивме и висечки „златни монети/парички“ инспирирани од македонскиот фолклор. Талија овој пат беше гостинка на концертот на Мадона, па целокупниот изглед ѝ беше инспириран токму од Мадона.

Фото: Приватна архива

Како дојде до соработка со Талија?

– Јас секогаш велам дека социјалните мрежи се чудо и кога сте добри и уникатни во нешто, тоа ќе биде забележано. Така и нејзиниот стилист ме забележа, ме контактираше и дојде до соработка. Јас морам да додадам дека Талија е светска ѕвезда, нејзиниот стилист има достапност буквално до сите модни брендови и врвни дизајнери во светот, а по вторпат ме одбира мене.

Фото: Приватна архива

Но, Талија не е единствената ѕвезда што носела твое модно парче. Покрај Ава Макс, кој сѐ од познатите носел твоја креација и каде се слушна за твоето име?

– Кога размислувате светски и пласирате светска различна мода, некако се местат работите и универзумот работи на тоа да ме има во светот. Моето име досега го имало во светските магазини „Космополитан“, „Гламур“, „Вог“, „Харпер базар“. Мојот бренд го носеле и Ава Макс, Муни Лонг, Кеш Дол, соработка со Тајга, Талија и други во светот. На Балканот, пак, мои креации носеле најголемите имиња, Јелена Карлеуша, Цеца, Драгана Мирковиќ, Николија, Марија Микиќ, Теа Таировиќ, Вики Миљковиќ. Искрено, горд сам на себе, се гледам во огледало и си се воодушевувам што мојата невидлива златна круна сѐ повеќе и повеќе сјае.

Фото: Приватна архива

Како почна твојата модна приказна? Имаше ли поддршка од дома?

– Мене ми било пишано да сум дизајнер. Уште пред да одам во училиште, јас по дома им кажував дека ќе бидам дизајнер. Бев чуден со шешир на глава ист како Џон Галијано. Секогаш сум имал поддршка, а и кога се колебале, јас сум ги убедувал дека ќе бидам успешен, дека ќе бидам ѕвезда и дека јас тоа што го правам никој друг не може. Родители како родители, прво се чудат, потоа си велат фаза е, ќе му помине, сега веќе знаат дека нема назад. Сакам и да додадам дека на мојот последен проект, саемот во Измир, јас ги зедов со мене да ми помогнат и јавно сакам да им кажам „благодарам“ што земаа слободни денови од работа, што се товаревме, растоваравме, што јадеа и не јадеа навреме, но дека одлично си поминавме. Тоа е повеќе од поддршка.

Фото: Приватна архива

Што е со предрасудите, особено што имаш специфичен стил на облекување?

– Предрасуди имало и ќе има, но на негативните луѓе кој може да им угоди? Никој! Јас сум среќен човек, успешен дизајнер, совршен маж, секој ден изгледам како на модна писта. За да бидам комплетен, ми фали само уште малку погуста коса и три до пет милиони евра.

Не е тајна дека ја пресадуваше коса, и тоа е сега тренд. Колку тоа те направи посреќен?

– За жал, јас не сум задоволен од првата операција. Па се надевам дека наскоро ќе најдам време да одам на уште една операција. Секој од нас, ако има некој недостаток или вишок и тоа му пречи, сметам дека ако има можност, треба да го смени.

Фото: Приватна архива

Роден си во Тетово, таму живееш, имаш ателје. Kaко си познат меѓу тетовчани?

– Роден сум во Тетово. Моето ателје е во Тетово и јас сум речиси секој ден во Тетово. Но, веќе 12 години живеам во Скопје. Но, да се разбереме, Тетово си е Тетово, македонското Монте Карло, македонскиот Лас Вегас. Сѐ што никаде нема во државава, во моето Тетово има! Во Тетово живеат најбогатите Македонци, во Тетово се возат најскапите автомобили и сѐ се договара во четири очи и рака со рака. Во Скопје 1.000 документи и потписи и пак на крајот си зафркнат. Па во Тетово јас сум си ѕвезда!

Често патуваш сам и одиш на места каде што никого не знаеш. Како е да се патува сам и зошто го правиш тоа?

– Јас сам живеам и не ми е здодевно, напротив – уживам. Па, така, и кога патувам сам, исто така, уживам. Гледам да одберам дестинации на кои претходно не сум бил. Кога патувам, носам огромен куфер алишта и најчесто правам комбинации, шијам костими за таму да се вклопам со приказната на дестинацијата. Однапред знам која комбинација каде ќе ја носам. На моите патувања јас секој ден запознавам нови луѓе, ширам контакти и познанства. Јас како таков – кралот на светкавото, различно и уникатно облечен, привлекувам многу внимание, без разлика дали сум во Дубаи, Абу Даби или во Монако и Милано. Притоа, често доаѓаат луѓе да се фотографираат со мене. Ми приоѓаат со комплименти, а јас секогаш почнувам некаква тема, па сум им интересен. И така доаѓам до нови пријатели.

Фото: Приватна архива

Неодамна беше во Милано, кај твојата сестра која е дизајнерка. Вие сте три деца, колку сте слични, колку различни?

– Ние сме три деца дома. Јас имам две сестри. Сите ние сме исто воспитани и исто израснати, и од дома ни ја всадиле истата култура и вредности за животот. Сепак, сите сме различни карактери и секој со својата приказна на свој пат. Мојата постара сестра Моника периодов е посветена мајка на две деца, а Магдалена се бори да го освои Милано со нејзин труд, работа и креативност на Факултетот за уредување ентериер и мебел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот