ИНТЕРВЈУ Жарко Ристоски: Пред одбојкарска Европа да докажеме дека сме спортска нација и желни за подвизи

фото: Одбојкарска федерација на Македонија

– Нашиот тренер Жарко Ристоски со катарскиот одбојкарски клуб Ал Рајан ги обедини сите трофеи во изминатите две години и на обострано задоволство, соработката ќе продолжи и во следната натпреварувачка сезона.

Македонија, Италија, Бугарија и Израел од 28 август до 16 септември 2023 година ќе го организираат Европското првенство во машка сениорска конкуренција, ова ќе биде трето наше учество на континенталните собири. По дебито во Европската златна лига, избраниците на селекторот Јошко Миленкоски ги стартуваа подготовките во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје. Сè тече во најдобар ред, играчите се трудат да бидат најдобри што можат, а една од целите ќе биде поминување на групата и пласман во осминафиналето на ЕП.

Федерацијата ги повикува навивачите да купат билети за ЕП 2023, да ја дадат поддршката од трибините во СЦ „Борис Трајковски“, и воедно да уживаат во квалитетни одбојкарски натпревари. За анализа, околу репрезентацијата и самиот настан ЕП 2023, контактиравме со Жарко Ристоски, поранешниот македонски репрезентивец, а сега како тренер, на чие поле има врвни резултати во изминатите неколку години.

Македонија е еден од домаќините на претстојното Европско сениорско првенство. Еден од најголемите спортски настани оваа година, верувате ли дека ова би било една убава промоција за одбојката кај нас, воопшто спортот и самата држава?

– Македонија ќе биде едно од четирите одбојкарски епицентрални подрачја во Европа следниот месец, а повод за тоа е претстојното ЕП. Европско првенство кое сите љубители на одбојката со нетрпение го очекуваат ако се земе во предвид дека на гости во Скопје ни пристигнуваат репрезентации кои ги имаат освоено најголемите европски и светски одбојкарски височини. Но, и репрезентации од наш калибар, преку кои треба да ја бараме нашата шанса за да повторно се израдува македонската јавност.

Така да, пред нас претстои период во кој треба максимално да се искористи овој спортски настан за уште поголема промоција на убавините кои ги нуди нашата држава во Европа, а од спортски аспект уште еднаш да докажеме дека сме една од најдобрите спортски нации, кои живеат за спортот и нација која е желна за нови спортски докажувања и нови спортски подвизи. Шансата е пред нас и истата со добра организација треба максимално да се искористи.

Покрај тренинзите, нашата селекција ќе ја темпира формата и со играње контролни мечеви со Романија, Израел и Јапонија и на традиционалниот меморијален турнир „Чајка“. Како се гледа на оваа генерација, еден спој на младост и искуство (подолу и составот на повикани). Подоцна, истиот ќе биде скратен за тројца или за четворица играчи.

Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски, Давид Стојанов
Коректори: Никола Ѓорѓиев, Стефан Алексов
Примачи: Александар Љафтов, Владо Милев, Стојан Илиев, Лука Костиќ, Ангел Бошковски, Тоше Ефремов
Либера: Дарко Ангеловски, Костадин Ричлиев, Васе Михаилов
Средни блокери: Филип Маџунков, Филип Савовски, Филип Лепидовски, Иван Андонов, Славе Наков

Контролни натпревари за ЕП 2023
04 август (Скопје): МАКЕДОНИЈА – Романија
05 август (Скопје): МАКЕДОНИЈА – Романија
06 август (Скопје): МАКЕДОНИЈА – Романија
10 август (Кавадарци): МАКЕДОНИЈА – Израел
12 август (Кавадарци): МАКЕДОНИЈА – Јапонија
13 август (Кавадарци): МАКЕДОНИЈА – Израел
15 август (Скопје): МАКЕДОНИЈА – Јапонија
16 август (Скопје): МАКЕДОНИЈА – Јапонија
18-20 август (Скопје), турнир „Чајка“: МАКЕДОНИЈА, Грција, Египет, Јапонија

– Сведоци на период каде што македонската одбојкарска репрезентација ова лето беше доста активна. Имаа долг припремен период, каде што преку Европската златна лига се брусеше формата за ЕП, за да сега преку 40 дневен тренажен процес и 11 контролни натпревари треба да се искристализира составот на одбојкари кои ќе го понесат најголемиот товар на ова натпреварување. Обемните подготовки и подготвителни натпревари даваат можност за оваа композиција на играчи да биде вокомпонирана и подготвена за предизвиците кои ги носи овој најголем европски одбојкарски спектакл. Костурот на репрезентацијата е добро познат и искуството треба да биде нашата движечка сила и ударна игла на ова ЕП, а младоста и желбата за докажување наше скриено „оружје“. Секако дека нашата шанса за пласман во следната фаза е голема и истата треба да ја бараме на самото отворање на ова ЕП преку првите два натпревари во нашата група.

Противници во групата „Ц“ ќе бидат Чешка, Данска, Црна Гора, Холандија и Полска. Има уште доста време до почетокот на ЕП околу конечните состави. Дали можеби токму првите два меча со Данска и Црна Гора се шанса за Македонија да фати чекор кон пласман во осминафиналето?

– Првата наша пречка Данска е противник по наша мерка, репрезентација која многупати сме ја победувале до сега, но да не заборавиме дека тоа е репрезентација која ни го има нанесено и еден од најтешките порази во последните неколку години, односно во финалето од сребрената Евро лига. Црна Гора е нашата втора голема шанса, која со подмладен состав и неколку искусни играчи ќе дојде на ова ЕП и со сериозен пристап кон овој натпревар, пред домашната публика, нашиот квалитет треба да дојде во преден план.

Но, мора да кажам дека иако фаворитската улога во овие два натпревари е на наша страна притисокот кој го носат овие два натпревари ќе биде голем бидејќи секој неповолен резултат од првите два натпревари би нè ставил во шах позиција во која би требало понатаму да се вадиме со реално поквалитетни репрезентации, како Чешка и Холандија, предизвик кој би бил многу потежок, но не е невозможен. Сепак верувам во репрезентативците и стручниот штаб и се надевам дека за пласманот во следната фаза ќе биде избран полесниот пат. За Полска, би истакнал дека се големи фаворити, не само во нашата група, туку и за завршниот турнир и за преземање на шампионскиот примат.

Распоред за натпреварите на Македонија на ЕП 2023
30.08.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Данска
02.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Црна Гора
03.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Полска
05.09.2023 (17 часот): МАКЕДОНИЈА – Холандија
06.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Чешка

фото: РФМ

Одбојкарската федерација ги повика верните навивачи да обезбедат влезници за натпреварите на ЕП 2023. Дали поддршката од трибините во СЦ „Борис Трајковски“ може да влијае и на мотивацијата кај самите играчи да одиграат уште подобро против кого било?

– Публиката од секогаш била двигател на нашата игра, како седми играч успеала многупати да нè издигне во височините, не само во одбојката туку во сите останати спортови. Се надевам дека македонската фаланга ќе го има своето шоу на домашен терен и уште еднаш ќе покажеме на одбојкарска Европа како се навива со срце за Македонија. Да бидам искрен, иако влезниците можеби се малку поскапи за македонскиот стандард, се надевам на добра посетеност. Секако дека на оваа проблематика може многу да направи и одбојкарската федерација, доколку сака полна сала и максимална поддршка од трибините.

Како тренер на Ал Рајан од Катар остварувате врвни резултати, освојувате шампионски трофеи. Какво е искуството и какви се најавите за следниот период?

– Мојата соработка со екипата на Ал Рајан започна во 2021 година откако бев назначен за прв тренер на истата, која што функција дотогаш ја обавуваше тогашниот селектор на Бразил, Карлос Шванке, кој таа година ја освои Светската лига на нации со бразилската репрезентација. Изминатите две години, успеавме да освоиме дури 6 трофеи, Арапското првенство во 2022 година, како и да го освоиме Шампионскиот прстен и Катарскиот куп, трофеи кои беа недостижни во последните 3 години.

Оваа сезона 2023 нашата доминација ја продолживме со освојување на западно азиското клупско првенство, како и освојување по вторпат едно подруго на шампионатот на Катар. На крајот од сезоната со освојувањето на најпрестижниот Емир Куп, кој ни недостасуваше минатата година, успеавме да ги обединиме сите трофеи во изминатите две години. На обострано задоволство, нашата соработка ќе продолжи и во следната натпреварувачка сезона која ќе биде за мене трета по ред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот