Интервју со вокалната солистка Тања Царовска: Со години сум овде, видлива, а сепак, незабележана
Вокалната солистка Тања Царовска ретко имаме можност да ја видиме на домашната сцена, иако зад себе има фантастична музичка кариера остварена во странство и многу музички идеи што дома не успеала да најде можност да ги оствари.
Препорачано
Соработката со Никола Стојковски на албумот „Егрегор“ на „ФИН Проект“ ја извлече Тања Царовска од тивката самоизолација во Преспа и ја донесе на музичките сцени во Скопје. Промотивните активности за албумот привремено ја враќаат Царовска таму каде што припаѓа, а тука откриваме што ѝ лежи на срцето.
Учествуваш на албумот „Егрегор“ на „ФИН Проект“. Како се случи соработката со Никола Стојковски од „ФИН Проект“?
– Никола Стојковски, основачот на „ФИН Проект“, често употребува традиционални вокали и инструменти во своите музички креации. Ми ја предложи идејата да смислам и снимам вокал на една нумера, па некако спонтано продолживме и со други. Една по друга, ни стана јасно дека веќе создаваме материјал за албум. Така настана „Егрегор“.
Албумот е во комплетна продукција на Никола Стојковски. Кои беа твоите обврски и кој го направи изборот на песните што ги изведуваш?
– Јас сум комплетен креатор или композитор на вокалните делници и вокалната полифонија, освен песната „Бесконечна сегашност“ со Горан Трајкоски, за која Горан ја создаде мелодијата и текстот. Другото е на „ФИН Проект“. Песните што се традиционални ги избра Никола.

Албумот досега имаше концертна промоција во Куршумли ан на „Скопско лето“ и камерна промоција во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје. Ретко те гледаме на сцена. Какви чувства ти навираат при настапите во живо?
– Колку и да имам искуство со студиска работа, која е далеку полесна во смисла на стрес или трема, настапите на сцена за мене се како самоисцелителна терапија. Особено како вокал, кога сам го произведуваш звукот, без помош на инструмент. Сопствената звучна вибрација е смирувачка и самоистражувачка. И во студио, секако, но на сцена се поврзуваш со толпа луѓе кои се, исто така, во убава вибрација зашто се тука да издишат, да чујат нешто што им годи и на ушите и на клетките, па таа размена на енергија е неспоредлива.
Сцената е врвот на музицирањето, искуствено. Таму уметникот музичар се прелева од човек во вибрација, во душа, безмалку, го напушта своето тело и се приклучува на универзалната свест. Не е веќе само тело, туку повисока димензија на постоење. Затоа концертите во живо се неверојатно терапевтско искуство и за публиката. Некој, пред нив, ја разголува својата душа, а нивните души – следат, ја фаќаат истата фреквенција, настанува контакт што не е видлив, доживувањето е езотериско. Можеш да раскажеш на друг дека си поминал убаво на некој концерт, но не можеш да му го доловиш метафизичкото искуство, енергетското движење што ти се случило додека си бил во публика тие час-два. Тоа е магија, нема веќе подготовки и баналности, не фрчат веќе илјадници терет-мисли во тој колектив – го има само моментот, интензивен а, сепак, прочистен од сѐ што е вишок.

Со твојот глас учествуваше во снимањето на музиката за повеќе филмски остварувања, а некои од нив беа во холивудска продукција. Со кого соработуваше тогаш и во каков процес се снимаше музиката?
– Соработував со многу различни музичари и музички творци. Сите различни и уникатни на свој начин, и како енергии и како уметници. Ако некому значат нешто нивните имиња, значи дека ги истражувал и чул. Тоа се, сепак, прекрасни уметници со многу достигнувања на своите уметнички патишта, како Оскари за најдобра музика, награди „Бафта“ (британските „оскари“), „Златни глобуси“, платинести тиражи на своите изданија, светски признанија и препознатливост итн.
Да издвојам некои, секако, тоа би биле извонредните композитори како – Габриел Јаред, Џослин Пук (со неа соработувам консекутивно скоро 20-ина години), покојниот Џејмс Хорнер (композиторот на остварувања како „Титаник“, „Стар-трек“, „Аватар“, „Храбро срце“ итн.), Џон Дебни (соработка на три негови саундтраци, вклучувајќи го „Страданието на Христос“), Мартин Фипс, Марчело Де Франчиши, потоа, продуцентите со мегапопуларност во САД, како Волтер Афанасиев и Дејвид Фостер, режисерите како Мел Гибсон, Волфганг Петерсен и многу други, вокална работа на два филма на шпанскиот режисер Хулио Медем, но и композитори-инструменталисти како Робин Џефри, Дирк Кемпбел, Крис Боти и многу други. Кога вака ќе ги соберам во една листа, навистина се фантастична толпа на соработници од кои сум имала што да учам.
Откако се врати од Англија се смести во Преспа. Каде поточно и зошто направи таков избор?
– Сѐ уште сум на релација Англија – Македонија, но кога сум во Македонија, претежно сум во Преспа, зашто ми годи тишината надвор од градскиот метеж и непосредниот допир со природата. Со текот на годините станав пречувствителна на звуци, поточно сфатив дека отсекогаш сум била, а сум се чудела зошто не функционирам најдобро во бучни средини или околности.
Преспа е моето родно место, во Ресен израснав и така дојде природно. Години пред ковид-пандемијата јас имав започнато да ја реновирам куќичката на село во која мојот татко израснал, каде што доаѓав кај баба ми и дедо ми како дете. Имав потреба од тоа зеленило, од шумите и планините околу, од езерото, ме влечеа, ме миреа…
Секако, ми фалат соработниците и пријателите кои со професионални обврски се претежно во Скопје, па затоа редовно патувам ваму-таму, но идеално би било кога повеќе соработници би доаѓале во Преспа, на креативно/работни сесии во тивка средина.
Дали размислуваш за самостојно албумско остварување и какви се понатамошните планови околу промоцијата на албумот „Егрегор“ на „ФИН Проект“?
– Албумот, штом еднаш се исфрли во етер, си почнува свој живот. Сѐ на сѐ, „Егрегор“ е едно медитативно искуство и интересно звучно патување. Мислам дека имаме квалитетен проект, со храбро излегување од шаблони, еден редок микс на електроника, традиционални инструменти, класично/театрални елементи и сонграјтинг, како и прекрасни соработници.
Со Горан Трајкоски е посебно задоволство и радост да се соработува, неговата креативност и дарба се непресушни. Не може човек да не се восхитува на неговото творештво, на експресијата, на разновидноста на неговите композиции. Петар Христов е, исто така, неверојатен музички креатор, создава ретка магија со своите инструменти и е уште една „посебна врста“ на нашево поднебје. Останува да продолжиме со работа и да остваруваме нови идеи.
Што се однесува до самостојните мои музички остварувања, на ова прашање сум посебно кревка. Секако дека имам во план свои сопствени проекти, албуми, каде сум комплетен автор или креативен продуцент. И работени се со огромна љубов и внимание до детал. Материјалите се скоро готови за дури неколку такви албуми, но логистички не ми е лесно да ги остварам поради тоа што инсистирам да бидат снимени исклучиво со живи инструменти, оркестар и повеќе вокални изведувачи, па треба многу силна организација, екипа и секако, финансиско покритие.
Она што го создавав дома во студио последниве неколку години, за жал, не е евтино да се оствари со звук што по квалитет може да им парира на други такви проекти кои излегуваат од соседните држави, на пример една Бугарија, која дава посебно внимание и поддршка на уметниците кои издаваат албуми за светскиот пазар (пример, „Трио Булгарка“ или „Мистичните гласови на Бугарија“). А мене не би ми прилегало помалку од тоа, со моето досегашно искуство и репутација, која е во суштина, одговорност кон публиката.
Секојдневно добивам пораки и пофалби од луѓе од целиот свет кои ме запознале преку филмските саундтраци кои имале милионски буџети. Не можам сега да ги разочарам моите слушатели со издание што звучи полу-задоволително. Штета би било да се наруши артистиката и потенцијалот на едно дело поради пренизок буџет. Јас морам да останам на ниво на проектите на кои сум учествувала како вокал, или барем доволно близу.
И мислам дека одговорните за финансирање на културни проекти во нашата држава треба да бидат свесни за тоа. Јас сум со години овде, видлива, а сепак, незабележана. Пак ќе ги земам за пример соседите – да бев Бугарка, таму ќе бев третирана како национално богатство и ќе издавав барем по еден албум во годината. Јас тука не издадов ниту еден самостоен албум, сите овие години.
И не зборувам само за себе, зборувам и за сите колеги кои се потценети како национални вредности, на кои животите им одминуваат во борба за достоен живот наместо во творење на раат и давање уметност и вредност на околината. Да, животот и е борба, но без уметностите, животната борба е неподнослива. А на светот секогаш му треба нова уметничка енергија, нова, свежа убавина. А тие кои можат да ја произведат мора да се вреднуваат и поддржат.
Ние навистина сме исклучиво надарен народ но, за жал, еден важен талент немаме – да го цениме, култивираме и негуваме доброто што го поседуваме, кое, во тој случај пак, постојано би се мултиплицирало. А вака – стагнира, се мачи, тргни-застани. Мотивацијата и потенцијалите полека згаснуваат ако не се пречекани од соодветните извори на поддршка. Луѓе или заминуваат од светот, или, пак, си одат надвор од државата да почнат живот од ново, без да остварат ни дел од својот уметнички потенцијал.
Не можеме и не смееме да ја занемариме улогата на државата и државниот буџет во проектите од универзална духовна вредност, кои би потекнувале од кај нас. И не смееме да ја занемариме вештата селекција во однос каде оди поддршката. Целиме локално, наместо глобално.
Се надевам дека оваа порака ќе стигне таму каде што треба. Секој еден квалитетен албум, секогаш, има огромен придонес кон културното богатство на нашата татковина, дело во кое би уживале чувствителните уши и души дома, но и како културен експорт на светскиот пазар.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 292, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-3.8.2025)


