Влатко Деков - Фото: Приватна архива/pexels

Интервју со Влатко Деков по повод Меѓународниот ден на чајот: На нашите планини растат неверојатно моќни и лековити билки

Забавете го животниот ритам затоа што трчајќи по пари и кариера нема воопшто или пак многу доцна ќе забележите колку сте се промениле и колку тој стресен живот е штетен за вашето здравје. Одморете малку, напијте се природен чај од нашите планини, ако можете наберете ги билките сами и уживајте што повеќе во природата.

Денеска, на 21 мај, светот го одбележува Меѓународниот ден на чајот, ден посветен на овој древен пијалак, на неговото економско, културно и здравствено значење. Но, додека за повеќето чајот е само уште еден топол напиток во брзото секојдневие, за некои луѓе тој е филозофија, лек и целосен пресврт во животот.

Токму на оваа тема за „Слободен печат“ зборуваме со Влатко Деков од Скопје, кој по повеќе од 20 години успешна кариера и професионална работа на развивање програми за намалување на штети од употреба на дроги, превенција и лекување зависности, носи радикална одлука, да го замени скопскиот асфалт со планинскиот спокој. Денес, тој живее на планина и со многу љубов го развива својот бренд за чаеви, лековити тинктури и масла. Со Влатко разговараме за моќта на природата, предизвиците на планинскиот живот и вистинскиот ритуал на пиење чај.

Од каде се роди Вашата љубов кон билкарството и природата? Дали тоа беше потреба за промена или страст која ја носевте во себе уште од детството?

– Љубовта кон природата ја имам од своето раѓање, додека идејата за собирање билки за чаеви и развој на брендот „Од планината, со љубов“ не е случајна затоа што уште како дете бев опкружен со книги поврзани со билки и нивните лековити состојки, а летниот распуст го поминував на село во Малешевијата кај баба ми каде што локалното население собираше билки. Тоа оставило траг кај мене, па сега билките само се поврзаа со мојата професионална кариера да им помагам на луѓето кои се во специфична здравствена состојба.

Обожавам чаеви и секогаш сум сакал да испробувам некои нови видови. Во тој контекст сакам да истакнам дека чаевите од билките што растат кај нас се неправедно запоставени во однос на оние што се увезуваат и се промовираат како некој тренд. Би им предложил на вашите читатели да пробаат чај од иванско цвеќе или комбинацијата од риган и мајчина душица или пак цвет од бозел и ќе им стане јасно за што зборувам.

Фото: Приватна архива

Животот во град нуди комфор, но Вие решивте целосно да го напуштите и да се преселите на планина. Кој беше клучниот момент за да донесете една ваква радикална и храбра одлука?

– Да, пред три години донесов одлука да го напуштам Скопје и воопшто градот како место на живеење и да се преселам да живеам на планина. Одлуката ја реализирав минатата година и еве веќе малку повеќе од една година како живеам на планина. Постојат повеќе причини за оваа моја одлука. Градот веќе не е соодветно место за живот барем според моите критериуми. Воздухот е екстремно загаден. И покрај постојаниот граѓански притисок за решавање на ова прашање, надлежните институции не преземаат речиси ништо. Во градот постои огромно звучно загадување, односно бука од кафулињата и рестораните, гласна музика, сообраќаен метеж, кои дополнително го намалуваат квалитетот на животот.

И веројатно една од главните причини е што животот во градот е премногу стресен. Постојано се трча по нешто, постојано има безброј „мора“, крајни рокови и сето тоа доведува да не се чувствувате убаво без оглед на тоа колку заработувате. Се поставува прашањето до каде можеме да одиме во истребувањето на смислата, до каде можеме да навлеземе во иреференцијална форма, а да не пукнеме? Затоа решив да не бидам дел од тој волшебен круг на трка по кариера и пари, а постојано незадоволен, затоа што секогаш има нешто подобро, нешто ново, нешто што треба да се види, а сè помалку време за тоа, и да се посветам повеќе на себеси и на поспокоен и мирен живот. Во градот веќе нема мир и спокојство. Тоа најмногу ми недостасуваше во градот, а овде тоа го имам. Планината ме држи подалеку од околината каде што постојано има лоши вести за војните и за несигурноста, кои го карактеризираат времето во кое живееме. До пред некоја година многу патував низ светот и животот ми беше номадски, а денес исто така патувам, но низ планината и ливадите.

Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте додека се прилагодувавте на планинскиот живот и на ритамот на самата природа?

– Најголемите предизвици се пред сè од технички карактер, како изградба на куќа, пронаоѓање вода, инсталирање на соларна енергија и слично. Имајќи предвид дека никогаш во животот не сум учествувал во такви процеси, ми беше малку тешко да се средат овие работи. Сепак, поддршката на пријателите, со кои заедно градевме сопствени куќи, ми го олесни животот. Јас не сум човек кој ужива во техничките работи, мене многу повеќе ме исполнува конкретниот живот, допирот со живите нешта, па затоа една прошетка низ планината ми е многу поубава отколку градењето на тераса или поставувањето ограда, на пример.

За среќа, овие технички работи се при крај и претстојново лето многу повеќе ќе уживам во берењето билки, шетањето низ планината и одгледувањето сопствен зеленчук и овошје. Многу луѓе гледаат романтично на животот на планина и точно, убаво е овде, но планината знае да биде многу непредвидлива и затоа мора да се почитуваат некои правила за животот тука да остане романтичен.

Фото: Приватна архива

Како билкар, Вие сте вклучени во целиот процес, од наоѓање на билката до топла шолја чај. Може ли да ни опишете како изгледа еден Ваш вообичаен ден на планината во сезона на берење и како ги селектирате и сушите билките?

– Овде на планина се будам прилично рано, околу шест часот наутро. Но со берењето започнувам околу 10 часот. Не излегувам порано затоа што на планина на надморска висина над 1200 метри ноќите се ладни и со излегување на сонцето наутро многу често се појавува роса. Тоа доведува билките да бидат росни и влажни и тогаш тие не треба да се берат. Сакам да откривам нови места каде што растат билките и затоа најчесто шетам по нови патеки и предели откривајќи ја планината. Избегнувам да берам билки на исти места дури и тогаш кога на тие места има доволно билки за берење. Со мене секогаш носам повеќе вода, а честопати и лесен ручек затоа што останувам и до 16 или 17 часот. Во летниот период секогаш ќе се најде и некое овошје за каснување, како шумски јагоди, капини, малини, диви јаболка, круши, сливи и слично. После тоа собраните билки ги прочистувам и ги ставам на сушење под сенка. После таков ден сонот ме напаѓа прилично рано, па во 10 часот најчесто сум во кревет.

Инаку при берењето на билките за моите чаеви секогаш се водам од следниве принципи: Во ниеден случај не треба да се набере повеќе од 70% од еден вид билка која ја има на ливадата. Тоа е првото правило за да опстанат билките. Потоа билките треба да се берат на суво и сончево време. Берењето влажни билки ќе доведе до тоа тие да мувлосаат. Исто така билките треба да се сушат на сенка, бидејќи најголемиот дел од билките ако се сушат на сонце ќе ги изгубат лековитите етерични масла и состојки. Следен принцип е билките да се берат на непристапни места каде што нема луѓе и возила, а со тоа нема и загадување. Бидејќи ги берам на планина каде што нема буквално никој, овој принцип е целосно однапред исполнет. Тоа се четирите златни правила кои никогаш не ги прекршувам.

Текстовите на ОН за Меѓународниот ден на чајот често ја нагласуваат чувствителноста на билките на климатските промени. Дали и Вие забележувате промени во природата и како се справувате со тие предизвици за да го зачувате квалитетот на чајот?

– Да, постојат промени. На пример, во овој реон каде што сум јас на надморска висина од 1250 метри, пред 15 години немало комарци, но денес тие се појавуваат секоја летна вечер. Шумските пожари се исто така закана и ги има сè почесто. За среќа пожар немало во моја близина, но во Малешевијата секоја година горат значителни површини шума. Сите овие промени се резултат на човечките активности. Луѓето се најголемите непријатели на природата. Во природата сè е поврзано и затоа ние луѓето треба да станеме повеќе свесни за нашата улога и за промена на нашето однесување во насока на зачувување на природата.

Радосен сум што среќавам сè повеќе луѓе кои го знаат ова и покажуваат интерес за зачувување на планините и на целата животна средина. Но од друга страна жалам што државните институции се немоќни, односно се целосно во служба на капиталот и наместо да ја заштитуваат природата, гледаме како преку иницијативи за отворање на рудници и на мали хидроцентрали на планинските реки тие сè повеќе ја уништуваат.

Фото: Приватна архива

За многумина чајот е само пијалак, но во Вашата приказна тој е начин на живот. Што претставува ритуалот на пиење чај за Вас лично, во тишината на планината, далеку од градскиот метеж?

– За мене пиењето чај е личен ритуал, кој освен одличниот вкус и здравствените бенефити заради неговите лековити состојки, нуди и целосно поврзување со природата. Консумирањето на билките што растат покрај мене далеку од загадена средина е на некој начин длабоко и езотерично поврзување меѓу мене и природата.

Нашата земја е исклучително богата со лековити билки. Која планинска билка од нашите простори за Вас има посебно значење или моќ?

– Би издвоил две билки. Првата е риган, билка од фамилијата на диво оригано која е извонреден лек против сите видови вируси, бактерии, бронхит, искашлување, помага во подобрувањето на имунитетот. Заради содржината на танини, риганот е ефикасен за третман на дијареја кај деца и возрасни. Одличен е за третман на уринарни инфекции. Во народната медицина се користи и како чај против анемија. Освен тоа, има многу убав вкус и во комбинација со мајчината душичка се добиваат повеќе нијанси на ароми и тоа за мене е највкусниот чај.

Втората билка е дивиот лук, кој уште се нарекува сремуш или мечкин лук. Тоа е неверојатно моќна и лековита билка, која се користи повеќе за правење на тинктура, не толку за чај. Дивиот лук има 20 пати повеќе алицин од лукот кој го користиме во нашата кујна и е извонреден лек за намалување на крвниот притисок, намалување на холестеролот и триглицеридите. Постојат и клинички испитувања кои потврдуваат дека концентрираната форма од дивиот лук има потенцијал за борба против одредени видови канцер. Но за тој да биде лековит, тинктурата мора да се направи веднаш откако ќе се набере дивиот лук. Научно е докажано дека алицинот, основната состојка на дивиот лук поради која тој е толку многу лековит, многу брзо оксидира и се губи околу 3% на секој час откога ќе се скине. За да ги опишам сите бенефити на дивиот лук, ќе треба да напишам повеќе страници.

Билкарството е вештина што бара огромно трпение и знаење. Дали Вашите тајни за препознавање и подготовка на билките ги чувате само за себе или имате желба и мисија да им го пренесете ова древно знаење на помладите генерации кои можеби сакаат да го следат Вашиот пат?

– Сите знаења треба да се споделуваат. Јас не можам да кажам дека знам сè за билките што растат кај нас. Учам секојдневно и моето знаење е големо само за неколку видови билки кои најчесто ги берам, а тоа знаење го црпам преку нивната редовна употреба и запишувајќи ги бенефитите од нивното консумирање, кои ми ги пренесуваат моите клиенти. Секако и читајќи за нив од повеќето книги и од она што го има на некои специјализирани веб-страници како и од клиничките испитувања кои се сè почести. Во некоја блиска иднина планирам да организирам и соодветни работилници, но за тоа повеќе кога идејата целосно ќе созрее.

Денес, на 21 мај, кога светот го слави Меѓународниот ден на чајот, која е Вашата порака до луѓето кои сè уште живеат во брзиот градски ритам? Што е она што најмногу го пропуштаат, а можат да го најдат во една едноставна шолја чист, природен чај?

Драги мои, забавете го животниот ритам затоа што трчајќи по пари и кариера нема воопшто или пак многу доцна ќе забележите колку сте се промениле и колку тој стресен живот е штетен за вашето здравје. Одморете малку, напијте се природен чај од нашите планини, ако можете наберете ги билките сами и уживајте што повеќе во природата. Барем за момент животот ќе ви биде порелаксиран и поубав, а вашето тело и вашата психа ќе ви бидат благодарни. На здравје чајот!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот