Интервју со визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ: Дивиот свет ме воодушевува многу повеќе отколку светот на луѓето
Македонското еколошко друштво (МЕД) минатата седмица во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје ја претстави изложбата „Зора – нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, која е инспирирана од напорите за зачувување на балканскиот рис.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Главен лик на изложбата „Зора – Нејзината заборавена шума“ е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми. Пред да се запознаеме со рисицата Зора сосема природно беше да се запознаеме и со авторката на изложбата.
Која е Драгослава Ѓуриќ?
– Јас сум визуелна уметница, родум од Србија, но поради сплет на околности долги години живеев во Јапонија. Тамошниот спокоен пејзаж дефинитивно имаше влијание врз мојот уметнички израз. Сите вештини и знаења ги стекнав преку двегодишна пракса во сликарско ателје. Инаку, цртам од мали нозе, иако не секогаш цртав животни и птици.
Кога сфати дека природата те инспирира?
– Низ годините увидов дека многу повеќе сакам да сликам живи суштества одошто луѓе или мртва природа. Пред да ја откријам Зора, сликав главно водни птици, бидејќи нивното однесување ми е многу интересно. Ме орасположуваат кога и да ги видам. Штркот, на пример, ме фасцинира. Дивиот свет ме воодушевува многу повеќе отколку светот на луѓето. Имам чувство дека сум им потребна, дека преку мојата уметност можам да помогнам да се заштитат.
Како ти дојде инспирацијата за заборавената шума на Зора?
– Решив дека сакам да соработувам со организација што се занимава со заштитарство. Сфатив и дека сакам да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Сосема случајно наидов на балканскиот рис, којшто многу одамна постоел и на територијата на Србија, но денес таму е исчезнат.
Така го открив и Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив лани, кога увидов и колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат.

Не секој има можност да оди на терен со Македонското еколошко друштво. Какво беше тоа искуство?
– Напорно и инспиративно. Ви требаат лесни планинарски обувки што не се лизгаат, кабаница за дожд, стап и добра кондиција. Тимот се движи брзо, одиме по патеките на рисот, а тоа неретко значи каллив и нерамен терен. Тогаш ги собираа претходно поставените камери и на снимките видоа рисови, памтам дека беа многу среќни.
Ваквите чекори можеби се чинат мали, но се многу важни, особено што е вклучено и локалното население, без кое е невозможна грижата за природата на долг рок. Сфатив и дека тимот на МЕД не се грижи само за балканскиот рис, туку и за сите други животни таму. Така решив дека навистина сакам да соработувам со нив, дека сакам да направам изложба и тоа, продажна, за дел од средствата да ги донирам и директно да ја помогнам работата на МЕД.
Како течеше креативниот процес?
– Особено важно ми беше сето прикажано на сликите навистина да постои во шумата на балканскиот рис, во конкретното годишно време. Не само животните, туку и паднатите лисја, и дрвјата, целиот пејзаж. Па, морав да истражам кои растенија виреат таму, какви видови на глувци и копитари живеат во шумата. Ми беше битно и да решам што треба да биде во фокус на сликите. На сликата со глувчињата, тоа е глувчето што стои, кај големата Зора – тоа е нејзиниот нос, кај сликата со срндачот тоа е неговото лице. Кога бев сигурна дека тие делови се доволно живи за да му го привлечат вниманието на гледачот, знаев дека сликите се готови. Поентата не ми беше бескрајно да додавам детали, туку насликаните животни да бидат живи, шумата да расте, а посетителот да има чувство дека е внатре во неа.

Што би сакала да почувствува гледачот кога ќе ја погледне изложбата?
– Преку сите мои дела, а особено преку оваа изложба, би сакала луѓето да преиспитаат како ги гледаат природата и живиот свет што живее таму. Да не ја доживуваат како некој далечен свет оти кога сме во шумата, ние сме дел од неа, дел сме од природата, од целиот животен циклус. Ние луѓето, ми се чини, мислиме дека само ние сме свесни, дека само ние размислуваме и гледаме, но во шумата човек станува свесен дека и него некој го гледа.
Навистина посакувам секој што ќе ја посети изложбата да се почувствува како што се почувствував јас кога бев таму и следниот пат кога ќе биде во природа или во шума, да почне да ги забележува и набљудува сите суштества што таму живеат зашто тие не се само посебни, туку и еднакво важни за целиот екосистем.
Зошто ти е важно да придонесуваш за заштита на останатиот жив свет?
– Важно ми е бидејќи така ќе се чувствувам горда на себеси. Кога мојот живот ќе заврши, сакам да знам дека сум направила нешто добро за светот на животните, со кои се чувствувам толку поврзано. Луѓето толку многу влијаат и го менуваат светот, најчесто на полошо. Има и луѓе кои се обидуваат да ја поправат таа штета, се разбира. Често се чувствувам виновно што видот на којшто му припаѓам толку доследно го избира профитот наместо природата, и затоа мислам дека имам одговорност да ја поправам штетата, колку што можам. И решив дека тоа ќе го правам преку уметноста.

Што следно планираш да направиш?
– Во следниот период изложбата ќе биде поставена во Србија и најверојатно во Косово. Зора треба да ги преминува границите и да ја запознаат и пошироко. А до крајот на годината сакам да ја насликам целата шума на Зора. Ова сега е само едната половина, а ќе има уште една за да се заокружи патувањето низ шумата, а искуството да биде баш како да сме нурнале во тој свет.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 320, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.2.2026)


