Валентин Костадиновски - Тино / Фото: Приватна архива

Интервју со Тино Костадиновски, актер: Од прва паѓам на убави очи, но мора нешто да излезе и од уста

Актерот Валентин Костадиновски-Тино е секогаш инспиративен за приказна. Деновиве наголемо се подготвува за стенд-ап настапите во СЦ „Јане Сандански“, заедно со својот, како што вели, бизнис-партнер Атанас. Веќе се распродадени сите три стенд-ап проекти „Натпросечен Македонец“, во организација на „Авалон продукција“. Со Тино разговараме за приватниот живот, театарот, љубовта со Мартина…

Валентин Костадиновски – Тино / Фото: Приватна архива

Во пресрет на веќе двата распродадени, а закажан и трет стенд-ап, во СЦ „Јане Сандански“, што да очекуваме од „Натпросечен Македонец“ со Тино и Атанас?

– Проектот „Натпросечен Македонец“ е еден вид круна на досегашната наша работа и почеток на едно ново поглавје во нашите кариери. Проект на кој сме многу горди, а се надевам ќе биде и публиката.

А, како ти би го опишал просечниот Македонец и дали е тоа неисцрпна инспирација за стенд-ап?

– Просечниот Македонец е насекаде околу нас, тој не еволуира, тој е тука да нè потсетува какви ќе бидеме ако не еволуираме.

Валентин Костадиновски – Тино / Фото: Приватна архива

Како одат подготвите со Атанас, има ли и кавги и смешки? И по толку години заедничка работа, што ве држи заедно?

– Заедно нè држи љубовта кон театарот, кон комедијата, љубовта кон публиката. Поддршката сите овие години што ја добиваме од публиката е таа сила што секогаш победува. Подготовките течат супер, сè е спремно за на втори трети и осми ноември во СЦ „Јане Сандански“ за пишување историја.

Валентин Костадиновски – Тино / Фото: Приватна архива

Каков е Тино приватно? Што те исполнува, што те прави среќен, а што те вади од такт?

– Сè некако во последно време ми е поврзано со работата, искрено во моментов тоа ме прави среќен, работата. Нема ништо поубаво за еден актер да го оставиш да твори, да создава и да креира. Но, сега ќе дојде зима и нема да има ништо побитно од планина и бордање. Од такт ме вади градов штом ќе почне да биде загаден. Тоа не можам да го поднесам.

Знам дека не сакаш многу да зборуваш за твојата девојка Мартина, но конечно ќе има ли свадба наскоро?

– Можеби поминала свадбата.

Валентин Костадиновски – Тино / Фото: Приватна архива

Во една пригода ми рече дека Мартина најмногу од сè знае да те насмее. Што е она што најмногу цениш кај една жена и со што може да те привлече?

– Дефинитивно тоа што сум ти го кажал, да знае да ме насмее. Да е специфична во стилот, во „кулот“, да има добра смисла за хумор и да е нормална. На прва паѓам на очи, ама мора нешто да излезе и од уста.

Дали си од оние мажи што знаат да готват и како се снаоѓаш во кујната?

– Кога имам време, да. Сакам да готвам, за повеќе луѓе со седенка, потоа со муабети, со вино. Тоа мажи, жени во кујна, нема многу врска. Или имаш осет или не, исто како со паралелно паркирање кола. Или имаш осет или не.

Што е карактеристично за тебе, а не го знае јавноста?

– Во зима сноуборд, другите годишни времиња, во слободно време астролог. Вежбам чат-пат ЕМС и сакам да шетам пеш по кеј.

Валентин Костадиновски – Тино / Фото: Приватна архива

Дали сè уште пушташ музика како диџеј и дали како и секој просечен Македонец уживаш на седенки во кафеана со добра народна музика и понекоја чашка ракија?

– Диџејската кариера ми е во мирување од зимоска, не може на ред да дојде. Нормално дека знам и сакам да уживам во кафеана со мезе, ракија и јадење. Не сум Швеѓанец. Народна музика неизбежно. Тоа е во нашето ДНК.

За крај, бевте во Германија со стенд-ап комедијата, какви се впечатоците оттаму и што да очекуваме од репертоарот во театар „Комедија“?

– Турнејата помина одлично. Прекрасна организација, прекрасна публика, Македонците во Германија покажаа дека сакаат и знаат како да се забавуваат. Бевме низ цела Германија, осум града, 16 настапи. Хамбург, Берлин, Келн, Диселдорф, Франкфурт, Штутгарт, Нирнберг, Минхен. Поздрав до сите што дојдоа, а за тие што не бевте, пак ќе дојдеме. Во пролет следува и турнеја низ другите европски градови каде што има Македонци. А се најавува и Австралија. Во театар на крај на декември доаѓа нова премиера на театар „Комедија“ – „Арсеник и стара тантела“ – и секако тековниот репертоар и старите хитови за кои ретко има карти.

Валентин Костадиновски – Тино / Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот