Магда Шаламон, сликарка и планинарка / Фотографија: Стефан Рајхл

Интервју со словенечката сликарка и планинарка Магда Шаламон: Човековата креативност е основа на развојот

Словенката Магда Шаламон е сликарка, поетеса, планинарка, планинарски водич, радио и ТВ новинарка, публицист и космополит во целост посветен на планините и на природата.

Македонската јавност имаше можност да ја запознае Магда Шаламон преку нејзина ликовна изложба, која беше организирана во рамките на Денови на словенечката култура во Музејот на град Скопје. Покрај сликарството, таа се занимава со повеќе дејности, а разговорот со неа го направивме во обид да ги дознаеме сите нијанси на нејзината повеќеслојна личност.

Како гостинка на Деновите на словенечката култура во Скопје оваа пролет се претставивте со Ваша изложба. Колку дела беа претставени и како ја направивте селекцијата?

– На изложбата претставив петнаесет мои дела. Повеќето од сликите беа пејзажи од природата или од словенечките планини и од Хималаите. Исто така, претставив мртва природа, глава на коњ, потоа мојот дедо Јожеф на клупа пред неговата куќа и споменик на „штангар“ во Градскиот парк во Жалец, кој е централниот град на Савињската Долина, каде што се одгледува хмељ. Штангар е човек што поставувал дрвени „штанги“ во полето со хмељ (на пр. штанга – лост; штангар – оној што ги поставува лостовите), околу кои се завиткувал хмељот. Изложбата беше добро посетена и бев опкружена со луѓе што имаат чувство за култура.

Изложба на Магда Шаламон во Музејот на град Скопје / Фотографија: Стефан Рајхл

Какви се Вашите впечатоци по посетата на Скопје и претставената изложба?

– Скопје ме воодушеви. Иако престојував многу кратко време, сепак можев да видам некои од уникатните карактеристики на градот, кој се наоѓа во Скопската Котлина покрај реката Вардар. Водата во реката Вардар треба да биде помалку загадена, според мојот прв впечаток. Особено ми се допадна Камениот мост, кој е обележје на градот. Погледот на планината Водно од Камениот мост ме убеди дека ќе треба да се искачам на врвот при мојата следна посета на Скопје. Архитектурата на градот открива слики од неговата богата историја и културно наследство. Ми се допаднаа и зелените површини на градот.

Дали тоа беше Вашата прва посета на Македонија?

– Првпат во Македонија бев во есента 2017 година. Тогаш учествував на организираниот настан со наслов „Словенија над Охрид“. Од областа Галичица, каде што ние, словенечките планинари, се искачувавме и пешачевме, подготвив две филмски емисии за мојата серија „Допири на планините“, која се емитува на Телевизија Велење. Недопрената природа, цветните падини и прекрасните погледи беа вистинско уживање. Се искачив на највисокиот врв Магаро и се восхитив на Преспанското и на Охридското Езеро. Препорачувам да го посетите Националниот парк Галичица!

Патот под Кангченџенга (слика)

Како почна Вашата приказна со сликарството, кои техники ги користите, на која тема и со каква инспирација ги создавате делата?

– Со сликарството почнав да се запознавам пред четиринаесет години. Ме привлече летната школа за сликарство и графика „Кијароскуро“, која ја водеше академскиот сликар Рудолф Шпанцел. Сè уште соработувам со него, а направив и биографски филм за него, претставувајќи го како најголемиот реалист на денешното време во Словенија. Потоа се приклучив на уметничката секција на Културно-уметничкото друштво во Жалец, каде што, со помош на ментор, ја подобрувам мојата сликарска креативност и учествувам во заедничките проекти.

Работам во техниките акварел, масло и акрил. Темите за моите слики ги црпам главно од природата. Кога шетам по планините и на други места, ги фотографирам атракциите и убавината на пејзажот, а потоа ги пренесувам на платно. Со задоволство сликам пејзажи на планините на кои им се восхитувам. Се занимавам и со други теми, бидејќи сликарството нема граници. Пораката на моите слики е како поезија, носејќи повеќеслојни видувања преку употребата на бојата. Јас сум космополит, поет, публицист, посветен на природата и словенаштвото. Ова ми дава можност за широк спектар на креативност, па затоа немам проблем да изберам теми за сликање. Со сите активности никогаш не ми е здодевно, а благодарноста за секој ден посебно, за секој даден момент, ме води кон повисоки сознанија за уметноста и животот.

Моите чекори во животот се опкружени со природа и со луѓе што ми носат благородна содржина што можам да ја искористам во мојата работа. Посветена сум на восхитувањето на планините и на светот, што е богат мотив за четката и боите. Ја чувствувам бојата, вибрациите на нијансите и енергијата на приказната… Ги изложувам моите дела на самостојни изложби низ цела Словенија, имав изложба во Клагенфурт, во Австрија, а учествувам и на групни изложби на уметничката секција на КУД „Жалец“.

Кое е Вашето мислење за сликарството како дел од културата и од човековата креативност?

– Сликарството е важен и јасен показател за културата на секој народ. Сликите покажуваат со каква содржина се опкружени уметниците што живеат и работат во одредено време и простор. Уметникот е под влијание и на будењето и активностите на поширокото општество. Пред сѐ, во преден план е перцепцијата на уметникот за состојбата и содржината на организацијата на човештвото. Секој уметник има чувствителна душа и се изразува преку своите чувства. Може да биде писател, поет, музичар, сликар и друго. Секој од нас го разубавува овој свет на свој начин.

Човековата креативност е основа на развојот. Дел од одговорот на општествените услови е содржан во сликарството и ја покажува организацијата на меѓучовечките односи. Човекот е тој што ја има моќта на разумот и остава траги. Сакам што е можно повеќе слики за човештвото и квалитетна уметност да останат во светот.

Планинарски чевел (слика)

Голем дел од Вашите слики се занимава со планините, не само со словенечките, туку се појавуваат и Хималаите. Од каде доаѓа таа инспирација?

– Природата и планините се мојата катедрала на креативна инспирација. Пораснав на село, во селото Гомилско во Савињската Долина, каде што имав богат контакт со природата. Подоцна, се осмелив да се искачам повисоко и таму ја открив убавината на планинскиот свет. Јас сум планински водич на Планинарското друштво на Словенија, планинар и, пред сè, жена водич која ја шири веста за убавината на планините. Посетив многу словенечки врвови, како и други. Сакам да ги водам луѓето по патеки во прекрасните словенечки планини, кои се наш бисер. Исто така, се искачив на Мон Блан, највисоката планина на Алпите и во Европа, неколкупати се искачив на највисокиот австриски врв, Гросглокнер, додека на Триглав се искачив малку повеќе од дваесет пати. Во соработка со словенечкиот алпинист, стратег и водич на бројни експедиции во Хималаите, Тоне Шкарја, направив неколку тешки искачувачки патеки, вклучувајќи ја и тешката северна страна на Триглав. Шеснаесет пати бев во прегратките на Хималаите, највисокиот и највеличествениот планински масив во светот.

Со толку големо и богато искуство на Хималаите, што значи да се отпатува и да се престојува на Хималаите?

– Хималаите се планински венец на природни чуда. Видов голем дел од патот под највисоките врвови во светот. Ги однесов и моите пријатели таму и им овозможив незаборавни искуства. Покојниот Тоне Шкарја ме покани на моето прво патување на Хималаите, за што сум неизмерно благодарна.

Хималаите имаат тешки патеки и стрмни падини. Мојата највисока планина, на која сум се искачила, е Имја Це на 6.189 метри. Потоа бев дел од групата што ја прослави 30-годишнината од првото југословенско искачување на Еверест по најтешката рута, т.е. западен правец. Оваа експедиција, како и првата во 1979 година, ја водеше легендата на словенечкото хималајско планинарење, Тоне Шкарја. Ова искачување сè уште ми значи многу, но беше доста тешко. Главно поради висината, но и технички, бараше многу труд. За мене, победа е таа внатрешна сила што помага со вербата во себе и во Божјото присуство, бидејќи човекот е физичко и духовно битие.

Магда Шаламон и Тоне Шкарја на Хималаите / Архива на Магда Шаламон

Двапати поминав по патеката под третата највисока планина во светот, Кангченџенга (8.586 м.), каде што словенечките алпинисти оставија успешни, но и трагични траги. Се восхитив на моќното, ориентално сликарство на Кангченџенга од Дарџилинг. Ја почувствував и магијата на Непал кога го обиколував планинскиот масив Анапурна и стигнав до базниот камп под Анапурна, каде што браќата Даво и Дрејц Карничар беа првите Словенци што се искачија на овој врв со повеќе од осум илјади метри надморска височина во 1995 година, а потоа беа и првите во светот што скијаа по северната страна од француската рута. Открив и многу други рути, вклучувајќи ги и оние низ Тибет. Секој чекор што го направив на Хималаите ме збогати и ме понижи. За мене, величественоста на Хималаите е метафора за голема уметност и инспирација за разбирање на маленкоста и кршливоста на човекот.

Покрај сето ова, веќе многу години се занимавате со радиско, но првенствено со телевизиско новинарство. Вашите емисии „Допири на планините“ стекнаа култен статус. Што ве поттикна да ги правите емисиите и што сакате да ѝ пренесете на пошироката јавност?

– Изразувањето со зборови ме збогатува и ме прави среќна. Објавив четири книги поезија, а петтата книга е во подготовка. Првата е насловена како „Бели врвови“, следната „Под раката на судбината“, потоа „Птица што вреска“ и како четврта е „Облечена во светлина“. Како економист, песните ме издигнуваат над вообичаената форма на живот и ме зајакнуваат во приказната за животот. Ги објавувам моите прозни прилози во разни списанија што имаат планинарска содржина. Сега најчесто користам зборови во мојата работа на локалната телевизија во Велење. Тринаесет години бев радиоводител, а сега четиринаесет години работам како новинар на телевизија. Создавав и водев авторски емисии за планинарење на радио и така запознав многу луѓе што работат на различни позиции и шират знаење за планините. Во тоа време бев поканета да работам на телевизија и тоа беше нов предизвик за мене.

Покрај снимањето разни говорни емисии на Велењска ТВ, како и биографски филмови и туристички емисии, јас сум автор на емисијата „Допири на планините“, од која досега имам снимено 235 епизоди, поради што би можеле да ги наречете култни. Ја одредувам содржината на епизодата и целосно ја продуцирам сама. Одам на патување во планините со камера, ги снимам карактеристиките на поединечните планини и патеки, го монтирам видеото и го пишувам придружниот текст, кој потоа го снимам во телевизиско студио.

Овие емисии се единствените со таква содржина во Словенија. Штета е што матичната организација на словенечкото планинарење, Планинарското здружение на Словенија, не е доволно чувствителна да ги поддржи овие емисии, кои шират знаење за оваа човекова активност, односно планинарењето. Гледаноста на овие емисии е навистина голема според одѕивот, а гледачите имаат многу ентузијастички став кон нив, бидејќи можат да научат за убавината на планините, како во Словенија, така и на други места во светот.

Целта на емисиите е првенствено едукативна и има за цел да обезбеди знаење за безбедно планинарење. Во планините, дури и мала грешка може да биде фатална. Планините остануваат вечни, а ние сме минливи. Одговорниот став кон природата, која е извор на опстанок, е сè поважен, па затоа во мојата работа искрено се посветувам на подигање на свеста кај луѓето.

За време на мојата последна посета на Македонија направив филм за возвишеното плато на Баба Планина во Националниот парк „Пелистер“ и за други знаменитости на Северна Македонија, каде што бев придружувана од водичот Драган Ристевски. Бев воодушевена од сите убавини на вашата земја. Знам дека секој што сака да ја проучува природата мора да ја прелистува нејзината книга со нозете. А секоја земја е страница во книгата на природата. Затоа сум благодарна за можноста да ја откријам природата. За прекрасен и мирен живот, корисно е да се погледне во очите на високите планински џинови и упорно да се прелистува книгата на природата.

На Мон Блан / Архива на Магда Шаламон

Планирате ли повторно да дојдете во Македонија?

– Планирам да ја посетам Македонија, поточно, Скопје, следната година во мај. Веќе се договараме на Деновите на словенечката култура да презентираме слики од уметничката секција на Културно-уметничкото друштво од Жалец, каде што и јас сум активен член. Нашето здружение годинава слави 100 години постоење. Би било убаво доколку, во оваа пригода, планираниот настан го збогатиме со мојата поезија и со презентација на патеките што ги поминав на Хималаите. Ќе се приклучат и членови на музичката група „Доминик“ од КУД „Жалец“, за настанот да биде уште побогат и пошироко да ја претстави словенечката култура. Се надевам дека ќе успееме да ја оствариме поставената цел.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 293, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.8.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот