Славица Бабамова, директорка на НУ Археолошки музеј на РСМ

Интервју со Славица Бабамова, директорка на Археолошкиот музеј: Интегрална презентација на три магични приказни

Археолошкиот музеј во Скопје годинава беше дел од неколку капитални проекти од областа на археологијата, а деталите за изложбите „Стибера“, „105 години Требениште“ и „Сребрена Тракија“ ни ги открива директорката на музејот, Славица Бабамова.

Огромен интерес кај јавноста, а особено кај стручната фела предизвика поставувањето на изложбата „Стибера – 70 години археолошки истражувања“ во Археолошкиот музеј во Скопје. Иако изложбата беше отворена пред шест месеци, интересот не стивнува, а тоа е причина за продолжување на времетраењето на изложбата.

Друг проект што предизвика интерес во соседна Бугарија, а во кој учествува Археолошкиот музеј, е поставувањето на изложбата „105 години Требениште“ во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија. Од другата страна, пак, за десетина дена во Скопје ќе биде презентирана импозантната изложба „Сребрена Тракија“. За сите овие проекти разговаравме со Славица Бабамова, директорка на Археолошкиот музеј во Скопје.

Веќе неколку месеци во Археолошкиот музеј е поставена изложбата „Стибера – 70 години археолошки истражувања“. Станува збор за грандиозен проект. Кои се најзначајните археолошки предмети на изложбата?

– Предизвик за поставување на изложбата беше откривањето на бистата на Фаустина Помладата во Стибера во 2021 година. Тоа е исклучителен археолошки наод според нејзината совршена изработка, според сочуваноста и според приказната што таа ја раскажува молкум, но стамено уште во втората половина на 2 век.

На изложбата особено место заземаат археолошки предмети од мермер, кои се единствени на наша територија според бројноста на продукцијата ако ја имаме предвид близината на рудникот за мермер Сивец, кој се користи до денес. Покрај статуите на боговите (Асклепиј, Херакле, Хермес, Ника), кои ги краселе градбите во Стибера во раниот римски период (1-3 век), пронајдени се почесни статуи или фрагменти од статуи на видни граѓани и граѓанки на Стибера и околината, кои стоеле на постаменти на кои се испишани нивните имиња, најважните достигнувања во животот и функциите кои ги вршеле во градот и областа Дериоп. Она што ја одликува мермерната продукција во Стибера се натписите, меѓу кои можеме да ги истакнеме списоците на ефеби. Ефебите биле ученици во градското училиште (гимназион) и нивните имиња биле испишувани на мермерни столбови на крајот на учебната година, како што се прави и денес. Преку овие списоци го запознаваме и Марк Ветиј Филон, доброчинител на градот и донатор во училиштето, кој, исто така, бил почестен и со декрет на политарсите на областа Дериоп за да се прославува неговиот роденден секоја година како знак на благодарност од градот. Овие натписи за нас се драгоцени историски документи, бидејќи ни кажуваат за демографијата на градот и структурата на населението. Така, знаеме дека најголемиот дел од учениците во 1 и 2 век се именувале според македонската ономастичка формула и припаѓале на автохтоното домородно население. Дел од локалната аристократија, пак, стекнала римско граѓанско право.

Дел од таа аристократија бил и Ајлиј Химнос, агораном, кој во 141/2 година на градот му подарил мерна маса, инаку редок археолошки наод, во која се мереле количините на производите кои биле на продажба. Над оваа маса во ниша била поставена споменатата биста на Фаустина Помладата.

Во рамките на изложбата може да се видат вотивни предмети (теракотни фигурини и статуетки) како завет или молитва за боговите, од кои како особено присутен го сведочиме култот кон Херакле, кој бил изразено застапен меѓу античките Македонци, а исто така и садова керамика, накит, керамички светилки и монети.

Стибера – Портретна биста на Фаустина Помладата

Кои установи беа вклучени во реализацијата на изложбата и какво е значењето на самиот археолошки локалитет Стибера во локални и во регионални рамки?

– Со првите систематски археолошки ископувања на градот во 1953 година започнал Археолошкиот музеј во Скопје под раководство на Душанка Вучковиќ-Тодоровиќ, кога е потврдено постоењето на Стибера во непосредна близина на селото Чепигово, кое претходно било познато само преку сведоштвата на античките историографи и осамените епиграфски споменици. Од 1959 година со ископувањата продолжува Завод и Музеј – Прилеп, долги години под раководство на Лилјана и Костадин Кепески, а потоа Душко Темелкоски и Оливера Јандреска и постепено започнува да се открива магичната приказна за градот кој до ден-денес ни кажува по нешто ново за својата историја.

Заедно со колегите од Завод и Музеј – Прилеп, одлучивме дека по 70 години археолошки истражувања на овој уникатен и исклучително важен археолошки локалитет за македонската археологија, пошироката јавност треба да ја запознае Стибера. Покрај Завод и Музеј – Прилеп, изложбата е реализирана во соработка и со Музеј на Република Северна Македонија, а со поддршка на Министерството за култура, кое го препозна националниот интерес и го поддржа проектот. Меѓутоа, во изложбата своето безрезервно знаење, талент и истражувачки ентузијазам, покрај Душко Темелкоски, Оливера Јандреска, Радомир Ивановиќ, Стеван Илијевиќ, Горан Ивановски и Наталија Данаилова, ги вградија и нашите почитувани колешки Александра Николоска и Весна Калпаковска, а визуелното и графичкото обликување на изложбата ги изведоа Јован Ивановски, Бисера Крцковска, Орданче Петров и Иван Блажев.

На местото каде што во античко време се развил урбаниот центар на областа Дериоп, пронајдени се траги од постара предисториска населба од енеолитско и бронзено време. На ридот Бакарно Гумно, на западниот влез во селото Чепигово, се пронајдени карактеристични форми на движни наоди, па според него е именувана регионалната енеолитска културна група Бакарно гумно – Шуплевец.

Во периодот на постоењето на античката македонска држава, градската населба прераснала во значајна геостратегиска точка на северозападната граница на Македонија. Понатаму, градот живеел и во хеленистичкиот период. За време на трите Македонско-римски војни, по кои римската држава почнала да го освојува Балканскиот Полуостров, а со тоа и Македонија како важна геостратешка територија, во Стибера извесно време престојувале последниот македонски крал Персеј и легиите на римскиот консул Сулпикиј Галба. Откако Римјаните ја освоиле Македонија, Стибера станала важен градски центар, најмногу поради близината на лежиштето на мермерот, кој е со извонреден квалитет и во градот донел извонредно богата продукција на камена пластика, а секако и поради плодородноста на пелагониската рамнина.

Уредувањето и животот на Стибера во овие три века (1-3 век) можеме да ги следиме особено добро. Од предримскиот период потекнува Работилница за изработка на теракоти и керамички светилки, но и неколку објекти од раниот римски период. Најпрво е откриен комплексот Гимназион и во негови рамки и е откриен култен простор поврзан со култот кон римските императори, потоа Храмот на божицата Тиха, светилиште на т.н. божество со птичје лице, зградата на градската агора и уште еден јавен објект, чија намена не во целост позната.

Стибера – Статуа на Нике

Она што го прави градот Стибера посебен во македонската археологија, поради што таа има посебно место кај проучувачите на античката македонска историја, е поставеноста на предметите in situ, односно на местата каде што изворно се наоѓале и тоа создава можност за реконструкција и на изгледот и на намената на градбите. Токму поради ова, предизвикот да се раскаже оваа приказна низ изложба беше исто толку голем, колку што е археолошкото истражување на градот.

Каков е интересот на пошироката јавност за изложбата и кои се понатамошните планови со изложбата?

– Интересот е огромен, особено затоа што поголемиот дел од јавноста за првпат има можност да го запознае бисерот на македонската археологија интегрално. Особено радува тоа што наши колеги, археолози од Европа го ставаат Скопје и Археолошкиот музеј во своите планови за патувања или наменски доаѓаат за да ја посетат изложбата. Заради интересот на публиката од сите целни групи, решивме изложбата да остане во Археолошкиот музеј до 20.2.2024 година.

Славица Бабамова се обрати на отворањето на изложбата „105 години Требениште“ во Софија

Неодамна присуствувавте на отворањето на изложбата „105 години Требениште“ во Софија. Како се реализираше соработката со бугарските колеги и каков интерес предизвика изложбата во Софија?

– Проектот „Требениште“, кој започна во 2017 година, создаде нова енергија во балканската музеологија, која се стреми кон обединување на професионалноста на експертите од музеите во Скопје, Охрид, Софија и Белград. Поставивме заедничка цел, а тоа е претставување и промоција на ексклузивните наоди од некрополата во Требениште и таа искрена, сесрдна заложба на сите страни учеснички во проектот без исклучок е препознаена и вродува со позитивни реакции и од страна на публиката.

Изложба „105 години Требениште“

Станува збор за комплексен проект во кој се опфатени три држави. До кога изложбата ќе биде поставена во Софија и која ќе биде следната етапа на проектот?

– Археолошките предмети ќе бидат изложени во Софија до крајот на март 2024 година. Во 2025 година изложбата ќе се постави во Народниот музеј на Србија во Белград. Со оглед на тоа дека интересот за требенишката култура, која е претставена преку оваа изложба, е огромен во европски и светски рамки, проектот ќе продолжи да се одвива во согласност со договорите што ќе се направат помеѓу трите страни кои учествуваат во него.

Предмет од изложбата „Сребрена Тракија“ / Фотографија: НАИМ-БАН

Наскоро во Археолошкиот музеј ќе биде отворена уште една голема изложба. Што ќе биде претставено на изложбата „Сребрена Тракија“?

– Изложбата „Сребрена Тракија“ се организира во соработка со Националниот археолошки институт со Музеј при Бугарската академија на науки од Софија, Република Бугарија, и станува збор за археолошки предмети од поголемиот дел на тракиската територија, поточно од 17 музеи во Република Бугарија. Тракијците, како и сите други племиња кои живееле во минатото, оставиле длабоки траги во материјалната култура.

Изложбата, општо кажано, ја претставува тракиската култура и цивилизација преку неколку теми: тракиските племиња, нивните владетели, митологијата на Тракијците, начините на погребување и погребните обичаи, а посебно внимание, како што кажува и насловот на изложбата, ќе биде посветено на експлоатацијата на благородните метали и нивната обработка, сè до изработката на прекрасните ексклузивни трпезни садови, опрема и накит.

Предмет од изложбата „Сребрена Тракија“ / Фотографија: НАИМ-БАН

Какви се плановите на Археолошкиот музеј за следната 2024 година?

– Во првата четвртина на годината, по повод јубилејот 30 години од воспоставување на дипломатските односи со Јапонија, планирано е гостување на изложбата „Ningyo“ – уметноста и убавината на јапонските кукли.

Годината ќе ја обележи еден посебен и многу значаен јубилеј: во 1924 година започнало систематско собирање на археолошки предмети кои на разни начини биле наоѓани на територијата на денешна Македонија и така се формирале првите музејски збирки, кои станале дел од првата музејска установа на овие простори. Тие предмети денес се наоѓаат во збирките на Археолошкиот музеј во Скопје, така што 2024 година ќе ја посветиме на овој јубилеј. Планирани се печатени изданија и документаристички изложби посветени на јубилејот.

Епиграфска едиција – Корпус на античките натписи

Директорката Славица Бабамова е доктор по историски науки (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Институт за национална историја). Од 2003 до 2013 работела како кустос и виш кустос за епиграфика и камена пластика во НУ Музеј на Македонија – Скопје, а од 2013 во НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија – Скопје, каде што од 2014 работи како кустос советник за епиграфика и камена пластика.

На раководната позиција во Археолошкиот музеј е поставена во 2020 година. Во својата област научноистражувачкиот интерес го врзува примарно за хеленска и латинска епиграфика, потоа античката историја на Македонија, римските провинции, просопографијата на античка Македонија и античката ономастика.

Покрај раководната функција во Археолошкиот музеј, на кои проекти работите во областа на епиграфиката?

– Пред самиот крај на годинава, во издание на Берлинската Бранденбуршка академија на науки, во рамките на едицијата што ги собира сите антички натписи на почвата на Европа, а се објавува од 1825 година, ќе излезе од печат корпус на античките натписи од Повардарјето и источниот дел на Македонија. Станува збор за речиси 800 натписи запишани во камен, или поинаку кажано, работа што траеше повеќе од една деценија. Со тоа ќе се пополни празнината што досега постоеше во рамките на оваа најреномирана епиграфска едиција во светот и овој дел од античка Македонија ќе го заземе своето место во светската мапа на археолошки и историски документи од својот вид.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 203, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот