Сашка Колеска / Фото: Приватна архива

Интервју со Сашка Колеска, танчарка на латино-танци: Гордост ми е што ќе ја претставувам Македонија на Светското првенство

„Секако дека имам големи очекувања и би сакала да постигнам голем успех. Но, пред сѐ, без разлика на освоеното место, би сакала да се покажам во најдобро светло и достојно да ја претставам нашата држава“, вели Сашка.

Шпанскиот град Калвија ќе биде домаќин на Светското првенство во латино-танци од 10 до 13 ноември, каде што ќе имаме можност да ги проследиме настапите на највештите и најстрасните танчари во светот.

Една од нив е и 18-годишната Сашка Колеска, која ќе ја претстави Македонија на ова престижно натпреварување. Оваа талентирана девојка се занимава со латино-танци веќе 10 години, а својата танцувачка приказна ја започнала во најстариот танцов клуб во Македонија – „Ритам плус“. Оттогаш, па сѐ до денес, таа освоила голем број домашни и меѓународни признанија за својата успешност во танцот.

Надвор од подиумот, таа е студентка на Правниот факултет во Марибор, Словенија, и секое слободно време го користи за да посети некоја нова дестинација во светот.

Сашка, кога се роди љубовта кон танцот?

– Танцот е дел од мене од осмата година, кога првпат одлучив да видам како изгледа еден тренинг по модерни танци. Така, прво бев дел од групата за зумба, која што беше дел од танцувачкиот клуб „Ритам плус“. Но, латино-музиката, атрактивните костуми и општо латино-танците го направија своето – го привлекоа моето внимание и беа причина во мене да се роди жар и љубов за латино-американски танци. Поради тоа, јас одлучив да се префрлам во таа група и да ја градам својата спортска и професионална кариера како латино-танчарка.

Која ти е прва асоцијација кога некој ќе ти го спомне танцувањето?

– Дефинитивно, асоцијација за танцот ми е посветеноста и дисциплината. Танцот ме научи дека треба секогаш да сум максимално посветена, со сето срце, на работите што ме прават среќна, а една од тие работи е танцот. Секако дека и дисциплината игра огромна улога, бидејќи без неа не би можела професионално да се остварам на ова поле.

Сашка Колеска / Фото: Приватна архива

Дали имаш омилена форма на танц? Што е она што најмногу уживаш да го танцуваш?

– Уживам секогаш кога танцувам латино-американски танци, без разлика за кој танц станува збор. Но, од петте латино-танци, кај мене преовладува љубовта за емотивната румба и динамичното ча-ча-ча – два танци што се сосема спротивни и перфектно ја претставуваат мојата личност.

Ти ќе ја претставуваш Македонија на Светското првенство во латино-танци. Кои се твоите очекувања?

– За мене е огромна чест и задоволство што имам шанса да учествувам на ова првенство. Секако дека имам големи очекувања и би сакала да постигнам голем успех. Но, пред сѐ, без разлика на освоеното место, би сакала да се покажам во најдобро светло и достојно да ја претставам нашата држава.

Би сакала да изразам и посебна благодарност до моите тренери – Иван Ангелковски, кој ќе ми биде поддршка на првенството, како и Симона Спировска и Верица Василеска. Огромна благодарност и до Танцовата спортска федерација на Македонија, која овозможи да ја претставувам Македонија на Светското првенство.

Кое досегашно достигнување ти е особено драго и што е она што сакаш да го постигнеш во иднина, кога станува збор за танцувањето?

– Сите достигнувања имаат посебно значење за мене, секое достигнување е парче во сложувалката наречена танц. Посебно ми се драги меѓународните првенства што за мене секогаш се голем предизвик. Тоа што отсекогаш сум сакала да го постигнам е да учествувам на светско првенство, желба што наскоро ќе биде исполнета.

Сашка Колеска / Фото: Приватна архива

Која е Сашка кога не танцува?

– Сашка кога не танцува е личност што сака да поминува време со пријателите и со семејството. Сакам да посетувам различни места и морам да кажам дека патувањето е моето ново хоби. Уживам да гледам и натпревари по латино-американски танци што се одржуваат во странство и тоа најчесто се првенства за најдобрите танцови двојки во светот.

Дали имаш некој совет за оние што се почетници во танцот?

– Мојот совет за почетниците во танцот е да не се откажуваат доколку танцот е нешто што навистина сакаат да го прават. За мене најубаво поминато време е времето коешто сум го посветила на тренинзите, натпреварите, патувањата и второто семејство, кое го сочинуваат членовите и тренерите во мојот клуб.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот