Интервју со Сара Мејс, пејачка и харфистка: По 8 години брак со Диме станавме помудри и поискусни да не подлегнуваме лесно на проблемите
Поп-пејачката и харфистка Сара Мејс, летово ја промовираше својата нова песна „Убав е“ и видеоспот што го снимаше во Грција. Деновиве беше актуелна и со прекрасниот и несекојдневен настап на свеченото отворање на Европската младинска олимпијада во Скопје, од каде што носи многу позитивни импресии.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“ зборуваме за музиката, семејната поддршка, предизвиците на мајчинството, љубовта, бракот, животот зад сцената…
Неодамна ја промовира новата песна „Убав е“ и спотот што се снимаше на плажа во Грција. Како поминува кај публиката и која е пораката што сакаш да ја испратиш на жените преку твоите стихови?
– Среќна сум што им се допаѓа и што се пронаоѓаат во приказната. Песната нема некоја посебна порака како треба, која би требало да им ја испратам на жените, како на пример во „Хероина“… оваа песна негува друга тема што мислам дека секој од нас некогаш го мачела, а тоа е вечната борба помеѓу срцето и разумот.
Што велат најблиските за новата песна и колку е важна поддршката од дома за еден уметник?
– Илина ја пее постојано, па дури и Кирил. Поддршката е еден од најважните столбови на секоја куќа/семејство, така што без тоа – никаде, никако. Без разлика дали си уметник или не. Благословена сум што ја добивам во целост од целото мое семејство и многу сум среќна и благодарна за истото.

Долго време си дел од музичката сцена. Ако се вратиш назад низ годините, тешко ли беше да се наметнеш на домашната сцена? Има ли некоја посебна приказна што сакаш да ја споделиш поврзана со почетоците?
– Тешко беше времето тогаш. Моите почетоци беа во периодот кога телевизијата полека се гаснеше, а интернетот земаше замав, но ниту едно од двете не беше доволно силно. Но, секако, добрата песна си го наоѓа патот. Памтам дека „Врне врне“ беше на сите радиостаници уште утредента по Скопски фестивал. Штета што го немаме веќе тој фестивал, беше мој омилен.
Што велат твоите деца. Знаат ли дека имаат позната мајка, всушност, познати родители и како реагираат?
– Па, не мислам дека во Македонија имаме познати јавни личности што го негуваат статусот „ѕвезда“. Од мојава гледна точка – да, имаме прекрасни вредни уметници, но мислам дека општото расположение на народот не е баш такво. Да, луѓе те препознаваат, се сликаат… Но денес секој може да пишува на секого, да си го каже своето мислење преку социјалните мрежи и да биде познат на некој начин. Нашите деца се навикнати и на комплименти и на критики, знаат дека нешто снимаме, луѓе нè гледаат, но не им го претставуваме тоа дека ние сме познати или нешто посебно важни, туку им објаснуваме дека тоа е дел од нашата работа. Секако, Илина е малку поголема и малку повеќе ги разбира работите, честопати учествува и сака да помогне – дали е тоа совет за песна, спот, снимање… Кирил сè уште нема поим што се случува. Неговите прашања се многу слатки и искрени. На пример, кога го гледаше спотот за „Убав е“, првото прашање му беше: „Мамо, на кој му викаш така? (За гласот на почетокот) Му се скара на тато?“
Колку те промени мајчинството низ годините? Колку успеваш дома да доведеш сè во ред, и што е со оние денови кога ти е преку глава од сè?
– 100 отсто ме промени. Речиси ништо од старата Сара. Остана суштината, секако љубовта и секогаш спремноста да се гине за работите што се сакаат, но ме научи на многу важни работи, како на пример, уште повеќе да си го почитувам времето, спокојот. Не се опишува начинот на кој те менува мајчинството, тоа е една магија што е индивидуално патешествие и може да се разбере само кога ќе се доживее.
Дома како успевам да доведам сè во ред, ниту самата јас не знам. Цело време е турбо. Има денови кога ти е преку глава, секако, но за брзо се сеќаваш дека сето ова го сакаш неизмерно многу, па повторно наоѓаш сили за сè.

Како се надополнувате со Диме низ сите овие години? И двајцата сте јавни личности, како го организирате приватниот и јавниот живот?
– Со договор, разговор, многу разбирање и желбата да ни е добро на двајцата, а не едниот да гине, а другиот да се лади. Секогаш ги делиме обврските колку можеме поудобно за двајцата и на начин што во тој даден момент ќе функционира добро за двајцата, односно четворицата. Зависи, нели, во каков хаос сме, зошто кај нас не е од 8 до 16 часот работата, туку во различни периоди имаме различни обврски.
Летото е во полн ек. Каде ќе одите на одмор?
– Едвај чекам. Годинава во Грција, по подолга пауза.
Изгледаш секогаш топ! Кои се твоите тајни за убавина?
– Благодарам. Повремено се ставам на Ива Красива исхрана и повремено одам на третмани. Овие работи ги правам, да кажеме, два-три месеци во годината.

Малку и за љубовта. Колку години сте со Диме во брак, како ги надминувате сите подеми и падови, и тешко ли е приватниот живот да се усогласи со јавните ангажмани?
– Речиси 8 години сме во брак, 11 во врска. Приватниот живот и јавните ангажмани да се усогласат не е тешко, доколку има разбирање и желба од двете страни. Сме биле и таму каде е тешко и каде не сме знаеле како да се усогласиме – и ние и ангажманите и децата. Имало падови и тешки моменти во повеќе наврати, но желбата да ги оправиме работите била таа која нè буткала кон тоа да истраеме и да ги надминеме сите тие нешта. Често сме биле свесни дека можеби и нема да успееме, дека можеби ова, односно „ние“, и не може баш да функционира, но никогаш не сме се откажале еден од друг. Барем досега. Сме имале периоди каде што посветено сме работеле на поправање на некои работи. И сме успевале. Како поминува времето, стануваме некако помудри и поискусни и не подлегнуваме лесно на проблемите веќе… си направивме мускули.
За крај, оваа Сара денес, што би ѝ рекла на онаа Сара на почетокот од својата кариера?
– Само љуби и храбро напред, Сарче!


